Husamedin Gina
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Во Собранието на Република Северна Македонија, во првите шест месеци од годината, за децата и нивните права индиректно и директно се дискутирало само кога станува збор за пратенички прашања“, истакнаа од Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, јавува Anadolu Agency (AA).
Првата детска амбасада во светот – Меѓаши денес на прес-конференција го презентираше извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието во периодот од јануари до 23 јуни.
Драги Змијанац, основач и директор на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, потсетувајќи дека во македонското Собрание во изминатите 3,5 години биле поставени вкупно 582 пратенички прашања, рече дека директно или индиректно поврзани со децата и нивните права се поставени само 53 прашања, што е помалку од 10 отсто.
„Тоа е многу силен индикатор колку всушност на македонските пратеници децата им се приоритет, им се фокус за парламентарна расправа во парламентарните групи и законодавниот дом“, нагласи Драги Змијанац, додавајќи дека на тие 53 прашања главниот фокус им бил правата на децата за здрава животна средина и чист воздух, правата на детето за здравствена заштита и за социјална и детска заштита, а недостигал поголем фокус околу правото на образование на децата.
Змијанац, на денешната прес-конференција, исто така нагласи дека пратениците се отворени за соработка со Првата детската амбасада Меѓаши, и дека притисокот на јавноста очигледно помага многу за да бидат пратениците мотивирани да поставуваат пратенички прашања.
Јана Зенговска, координаторот на проектот, давајќи детални информации за извештајот за застапеноста на детските права во работата на Собранието, истакна дека од 21 пленарна, на 5 седници се зборувало директно за децата.
„Иако се фрапантни бројките ако ги гледаме наеднаш дека е помалку од 10 отсто каде што се зборува за децата, јас тоа што го гледам е дека постои една различна динамика во поставување на прашањата откога имаме директна средба и соработка со лоби пратеничката група“, нагласи Зенговска.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата за заштита на правата на детето во Македонија“, спроведуван од Коалицијата на младински организации СЕГА, Првата детска амбасада во светот – Меѓаши и Младинскиот образовен форум, а со поддршка од Детската фондација „Песталоци“.