Husamedin Gina
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
СКОПЈЕ
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ на денешната прес-конференција ги презентираше наодите од истражувањето за состојбата со правата на децата во земјава, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата на „Меѓаши“, преку видеоконференција, 11 деца, од Дебар, Гостивар, Виница и Скопје, се осврнаа на наодите од истражувањето направено во јуни-јули 2020 година, каде што се опфатени 1.077 деца на возраст од 12 до 17 години, од вкупно 78 градови и села од сите региони во државата.
Јорданка Черепналкова-Трајковска, координаторка на СОС-телефонот за деца и младинци од „Меѓаши“, истакна дека истражувањето за состојбата со правата на децата е спроведено заедно со 30 ученици во областите училишна средина, слободно време, здравје и квалитет на живот, животна средина, безбедност и дискриминација.
„Значи има интересни наоди дека голем број од децата се запознаени со правата, сепак сметаат дека треба да се едуцираат за правата на децата и самите деца и возрасните за да можат да бидат почитувани во поголем дел“, нагласи Черепналкова.
Во истражувањето за темата „Училишна средина“, значаен дел од децата (60,62 отсто) сметаат дека не се посветува доволно внимание на одржувањето на хигиената во училиштето, вклучително и на хигиената во тоалетите, поради што некои од децата избегнуваат да ги користат (68,23 отсто).
Во темата „Слободно време“, децата истакнале дека слободното време најчесто го поминуваат дружејќи се со другарите надвор од домот, слушајќи музика или на социјалните медиуми. Многу мал е бројот на децата кои посетуваат културни настани, кино или го шетаат домашното милениче.
„Најголем дел од децата (51,88 отсто) секојдневен оброк во училиштата им е некој вид на печиво (ѓеврек, бурек, баничка, кифли и сл.)“, се вели во резимето за истражувањето на темата „Здравје и квалитет на живот“.
Истражувањето на „Меѓаши“ на темата „Животна средина“ покажува дека две третини од децата имаат проблем со загадениот воздух, особено во змискиот период, и дека тоа во голема мера влијае на нивното физичко и ментално здравје.
На темата „Безбедност и сигурност“ истражувањето на Првата детска амбасада покажало дека 10 отсто од децата наведуваат дека некогаш биле жртва на насилство, додека 21,85 отсто познаваат некој кој бил жртва на насилство.
Од друга страна, речиси една четвртина од анкетираните деца истакнале дека познаваат врсник/врсничка чии податоци, фотографии или видео биле споделени на интернет без негова/нејзина согласност.
Во резимето на истражувањето за темата „Дискриминација“ се наведува дека 42,24 отсто од децата се почувствувале дискриминирано во одредена ситуација, а помеѓу најчестите причини за тоа се вбројуваат возраста, полот, како и финансиската состојба на нивното семејство.
Наодите од истражувањето ќе послужат како појдовна основа во подготовка на Детскиот алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Македонија, што ќе биде поднесен до Комитетот за правата на детето при ОН во ноември 2020 година.