Furkan Abdula
08 Септември 2023•Ажурирај: 09 Септември 2023
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија под слоганот „Гласник на слободата“ одржа свечена академија по повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независноста, јавува Анадолу.
Настанот кој се одржа во Филхармонија во Скопје, започна со интонирањето на државната химна.
На свечената академија покрај премиерот Димитар Ковачевски, присуствуваа министри од Кабинетот, пратеници од Собранието, политичари, бројни дипломати во земјата, претставници од Армијата како и други поканети гости.
Ковачевски во своето обраќање, потсетувајќи дека пред 32 години земјата стана независна држава, рече: „Триесет и две години подоцна пред нас е гласот на граѓаните во мнозинска определба од 80 проценти за живот во Европа, во Европска Унија, но во родната Република Северна Македонија.“
„Предизвикот е шанса да се даде сé од себе и таа неповторлива шанса за напредок директно поврзана за нашата интеграција во ЕУ ја имаме токму сега. Се наоѓаме во неповторлив контекст кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на ЕУ и на демократската меѓународна заедница како што ни се потребни и тие на нас“, рече Ковачевски.
Според него, ова е шанса која доаѓа во време кога Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, земја која сигурно чекори на патот кон ЕУ, со осигурани граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија, која придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО, земја која сигурно чекори на патот кон Европската Унија.
Во рамки на свечената академија, обраќања имаа неколку професори кои информираа за историјата на македонската држава, македонскиот јазик, македонската нација и македонскиот идентитет, а беше прикажан и документарен материјал за државата.