Admir Fazlagic
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
СКОПЈЕ (AA) - „Единаесетти октомври е денот кога беше извојувана една од последните големи историски битки на народот на Македонија на патот кон слободата", истакна вечерва претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на свечената академија по повод 75-годишнината од Денот на народното востание - 11 Октомври.Вељаноски повика на унапредување на единството помеѓу политичките партии и унапредување на развојот на државата, потенцирајќи дека Република Македонија ќе остане посветена на евроатланските интеграции,јавува Anadolu Agency (AA).
„Тој идеал за еднаквост и здружување на европските народи, наспроти крвавата вековна историја на овој стар континент, мора да опстои и да ги надмине сите потешкотии со кои се соочува. Потребно е многу да се работи на негово усовршување и демократизирање, но верувам во добрите намери зад идејата наречена Европска унија. Македонија, како и во минатото, така и во иднина ќе остане посветена на евро-интегративните процеси",потенцираше Вељановски.
„Цената која беше платена да се извојува слободата е преголема",рече претседателот на македонскиот парламент, Вељаноски, потенцирајќи дека извојуваната државност „мораме да ја сочуваме и да ги унапредуваме вкупните прилики, но се е потешко доколку отсуствува единството".
„Таквото единство како да изгледа дека е најтешко остварливо. Длабоко вгнездени во сопствените табори, како да се заборава дека сите политички партии, во основа, имаат иста, благородна цел. Сепак, независно од ваквата, тажна состојба која трае, оптимист сум дека на крајот целата држава ќе излезе побогата за едно искуство, но и поединствена и посложна", порача Вељаноски.
Во својство на претседател на македонскиот законодавен дом, Вељаноскиповика на унапредување на единството помеѓу партиите и надминување на разликите кога се во прашање интересите на државата.
„Не смееме да дозволиме во жарот на политичката битка, повредена да излезе Македонија. Да си подадеме рака на овој голем ден", рече меѓу останатото Вељаноски и побара од политичките актери поголема меѓусебна соработка и уште поголем развој и демократска иднина на Македонија.
„Собранието било и ќе биде арена во која ќе разменуваме идеи во духот на конструктивноста и демократичноста и останува да биде институцијата во која доминираат заедничките вредности", подвлече Вељаноски, додавајќи:
„Големата цел на партизаните била независна Македонија, додека големата цел на оваа генерација политичари е економски развиена Македонија.Вкупниот државен развој продолжува да биде нашиот најголем предизвик".
На свечената академија присуствувува премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, поранешни претседатели на Собранието, поранешни и актуелни пратеници, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на верските заедници и на други институции.
По завршување на академијата следуваше свечено отварање на Големата сала во Собранието на Република Македонија.