Zülfiya Yakup
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
ПРИШТИНА (АА) - Пратениците на Собранието на Косово во начело усвоија три закони за трансформација на Косовските безбедносни сили (KBS) во војска. Пратениците на Српската листа, кои се противат на овие закони, ја напуштија собраниската сала пред гласањето, јавува Anadolu Agency (AA).
За законот за Министерството за одбрана од вкупно 120 пратеници во Собранието гласаа 101 пратеник, колку што имаше присутни во салата. За предлог-законот за Косовските безбедносни сили (КБС) гласаа 98 пратеници, колку што беа присутни, додека 96 пратеници од исто толку присутни гласаа за нацрт-законот за служба во КБС.
Владата на Косово се одлучи трансформацијата на КБС да ја изврши по законски пат, затоа што поради противењето на Српската листа не беше можно да се обезбеди двотретинско мнозинство на гласовите од малцинските пратеници за уставни промени за формирање на Вооружените сили на Косово.
Министерот на КБС, Рустем Бериша, го претстави законот за Министерството за одбрана.
Тој изјави дека тој нацрт-закон предвидува Министерството на КБС да прерасне во Министерство за одбрана, со цел надгледување и цивилна контрола на КБС. Бериша истакна дека Министерството за одбрана ќе се состои од цивилен и воен персонал од КБС.
„Сите промени предвидени со овој закон ќе бидат сторени во согласност со препораките на финалниот извештај за стратешко разгледување на безбедносниот сектор, кои се прецизирани во сеопфатниот план на транзиција“, изјави министерот Бериша.
Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (LDK), Авдула Хоти, изјави дека неговата партија во потполност ги поддржува предложените закони, бидејќи ЛДК веќе 30 години се залага Косово да има своја војска. Хоти истакна дека кога Косово бара да има своја војска, не бара ништо повеќе од тоа што го имаат соседните земји.
„Слушаме гласови од северниот сосед (Србија) против војската на Косово. Јасно е дека само оние што се против НАТО, се против новиот мандат што ќе го имаат косовските безбедносни сили. Само оние што се против евроатлантските интереси на Косово и регионот се против Косово да има војска. Само оние што промовираат други интереси на Балканот, како оние на Руската Федерација или други слични, се против војската на Косово“, изјави Хоти.
Тој рече дека вооружените сили на Косово, како и создавањето на државата Косово, ќе придонесат за мирот и стабилноста во овој дел од Европа. Хоти додаде дека земјите од САД и ЕУ ја поддржале трансформацијата на КБС и дека трансформацијата треба да биде поддржана од сите граѓани и од сите етнички заедници.
Фатмир Џелили, пратеник на Демократската партија на Косово, рече дека неговите поддржувачи го поддржаа нацрт-законот за трансформација на КБС.
Реџеп Селими од движењето „Самоопределување“ рече дека ја поддржува трансформацијата на КБС, дури и преку законот, кога не постои можност Косовските вооружени сили да се формираат со уставни закони.
Пратеничката Аида Дергути, во име на Социјалдемократската партија, ја поддржа трансформацијата на КБС, како и Ахмет Исуфи во име на Алијансата за иднината на Косово (ААК).
Игор Симиќ, пратеник на Српската листа, рече дека предлогот на трите закони за трансформација на КБС е против сите акти, главно од меѓународен карактер, кои се во сила, како што се Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и Кумановскиот договор, и се спротивни на косовскиот Устав и законите.
„Дури и претставниците на највисоките меѓународни организации, тука мислам на НАТО, но исто така и земјите како САД, повеќе пати повторија дека доколку се влезе во процес на донесување вакви закони, тој мора да го почитува Уставот, односно да побара поддршка од Србите“, рече Симиќ.
Тој се запраша дали меѓународните претставници би можеле подобро да го слушнат гласот на српските пратеници доколку тие би употребиле солзавец за да се спротивстават на усвојувањето на овие три закони. Симиќ додаде дека Српската листа нема да го стори тоа поради своите гласачи, но затоа ќе ја напушти денешната седница на Собранието.
Потоа пратениците од Српската листа ја напуштија собраниската сала. Зафир Бериша од Иницијатива за Косово (Нисма) рече дека пристапот на Српската листа кон ова прашање е погрешен и дека економскиот развој не може да се случи без безбедност.
Пратениците на малцинските несрпски заедници, исто така, ги поддржаа овие закони. Следува разгледување на амандманите на усвоените нацрт-закони, по кои пратениците ќе гласаат за нивно конечно усвојување.