Abdula Berısha
24 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го одржа втората седница на Советот за безбедност на кој се разговараше за актуелната безбедносна состојба и проблемот со аерозагадувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата, претседателот Пендаровски рече дека во рамки на седницата се одржале два состаноци. Тој објасни дека од редовниот состав на Советот за безбедност не присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери, заради обврските во Собранието, како и Трајан Гоцевски, кој отсуствувал од здравствени причини.
Покрај тоа, на првиот состанок присуствуваа и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Пендароски рече дека се разговарало за ситуацијата на војниците на Северна Македонија кои се наоѓаат во меѓународните мисии, при што беше констатирано дека ситуацијата е редовна. Тој исто така рече дека се разговарало и за екипирањето на ОТА, каде е констатирано дека работите се спроведуваат со потребната динамика.
Што се однесува до заштитата на животната средина, која беше точка на дневниот ред на првиот состанок, Пендаровски рече дека ова прашање за прв пат се дискутира во Советот за безбедност, додавајќи дека прашањето започнало да се третира како компонента на безбедносните проблеми.
„Ќе ми дозволите да кажам неколку збора, претходно како дојдовме до тоа да биде третирано ова прашање на Советот за безбедност. Претходно, документот кој јас го одобрувам, го потпишувам, Стратегијата за одбрана, беше претходно почната да се работи и бидејќи не содржеше мерки во случај на еколошка безбедност односно небезбедност во нашата земја, беше вратена на доработка за да содржи пасуси кои се неопходни ако сакаме да имаме заокружен поглед на безбедноста и ако сакаме да ги третираме сите нејзини битни компоненти", рече Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија исто така рече дека е посветен на зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина, додавајќи дека во наредните години тој треба да биде се доближи до просекот на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ).
Пендаровски рече дека се предвидува поглавјето за заштита на животната средина во рамки на преговорите за членство во ЕУ да биде едно од поскапите поглавјата. Според проценките направени од искуството на Црна Гора, Пендаровски рече дека за време на средбата беше кажано дека ова поглавје ќе ја чини Северна Македонија 5 милијарди евра за една деценија.
На вториот состанок, на кој се разговараше за заштита на животната средина и аерозагадувањето, присуствуваа и тројца претставници на невладините организации за заштита на животната средина, како и претставници на надлежните институции, министерот и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, како и директорот на Државниот инспекторат за животна средина.
Пендаровски рече дека неговата идеја била невладините организации да ги соочат своите аргументи со претставниците на институциите.
„Мислам дека главната идеја која беше при свикувањето ја реализиравме, тоа е кревање на јавната свест, затоа што никогаш до сега во историјата на нашата земја на толку високо и репрезентативно политичко ниво не е разговарано за овој проблем кој станува сѐ поакутен не само кај нас, не само во нашиот регион, туку насекаде во светот. Советот за безбедност е советодавно тело на Претседателот, не е тело кое одлучува, кое решава. Ние не се собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми", рече Пендаровски.
Тој исто така рече дека прашањето за аерозагадувањето и заштита на животната средина не може да се реши со еден мандат на било кој државен службеник.
И претставниците на невладини организации за заштита на животната средина рекоа дека на средбата се разговарало за сите еколошки проблеми. Тие се согласија дека прашањето не може да се реши на краток рок, но повикаа на поголема посветеност од државните институции.
Потсетуваме, во септември месец оваа година, во кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
Учесниците на состанокот констатираа дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот на Северна Македонија.
Како што соопштија тогаш од кабинетот на претседателот Пендаровски, на седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци, бидејќи е неопходна редовна размена на мислења за безбедносната состојба.