Besar Ademi
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - По средбите со претставниците на партиите во Собранието на Македонија и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Република Македонија, Иво Вајгл, истакна дека за ЕП е многу важно да бидат подобро информирани за тоа како се развиваат работите во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Европратеникот Иво Вајгл, кој престојува во дводневна посета во Македонија, вели дека е мошне охрабрен по средбите што ги одржа во земјата.
Тој придружуван од страна на амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, сребите ги започна вчера, а по завршувањето на средбите, на прес-конференција информираше за неговата иницијатива за одржување состанок меѓу парламентарните партии на Македонија во куќата „Жан Моне“ близу Париз.
„Можам да ви гарантирам дека Европскиот парламент е многу голем поддржувач на процесот за проширување на ЕУ. Би сакале целиот регион на Југоисточна Европа да стане членка на Европската Унија и би сакале да нагласиме дека секоја земја ќе се мери според сопствените заслуги“, рече Вајгл.
Вајгл истакна дека од големо значење за оваа земја е преку амбициозни програми да ги спроведува реформите, бидејќи, како што рече тој, реформите се клучни критериуми коишто го овозможуваат започнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
Од друга страна, претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, изјави дека македонскиот законодавен дом продолжува да ги следи предлозите и препораките на ЕУ кои, според него, Македонија е целосно подготвена да ги имплементира.
„Собранието на Република Македонија е подготвено да го отвори таканаречениот процес на дијалог 'Жан Моне', кој на ниту еден начин, како што беше заклучено и за време на денешниот ден, не подразбира продолжување на тој процес на преговори што се случи во минатото во нашата земја, туку е во врска со новата иницијатива и новата подготвеност на парламентарниот состав и политичките субјекти во Собранието, за во форма на дијалог што ќе го реализираме, да постигнеме прифатливи, соодветни решенија за сите нас, за да можеме тој реформски предлог во којшто сме сега, да го спроведеме во најраток можен рок“, нагласи Џафери.
Инаку, на средбата во куќата „„Жан Моне“, која ќе се одржи кон крајот на јануари наредната година, власта и опозицијата ќе разговараат околу отворените прашања што ја отежнуваат политичката клима во Македонија.
Меѓутоа, Вајгл вели дека станува збор за неформално отворање на процесот на дијалог, без присуство на медиумите, каде што во текот на средбата ќе се вложат напори за да се најде заеднички јазик за одредени прашања, со посебен фокус кон приближувањето на ставовите за клучните теми за процесот на интеграција.