Dejan Maksimoviç
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
САРАЕВО (AA) – Драган Мектиќ, министер за безбедност на БиХ, по денешниот состанок со Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Република Македонија, изјави дека е договорена соработката меѓу двете земји од политичко ниво, коешто е мошне добро, да премине на оперативно ниво, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мектиќ нагласи дека со македонскиот колега разговарал за билатералните односи на двете земји, со посебен аспект на заедничките безбедносни предизвици.
„Дел сме од Западен Балкан, од заедничките регионални проекти и често се сретнуваме на заеднички конференции за имплементација на различни проекти. Со Македонија во безбедносниот сектор имаме исклучително добра соработка, ги потпишавме сите можни билатерални договори. Освен тоа што постои политичка волја за соработката и имплементацијата да премине на пониско ниво, на полициски експерти, кои заеднички ќе се договараат за решавање на проблемите, но и ќе разменуваат искуства и податоци“, рече министерот за безбедност на БиХ и додаде:
„Се наоѓаме на таа 'балканска рута' каде што има многу проблеми околу миграциите, криумчарење различна робра, пред сѐ наркотици, оружје ... Воглавно сме транзитна земја. Констатиравме дека имаме многу слични ставови во областа на тероризмот, радикализмот и можеме едни на други да си помогнеме. Говорев за конкретни податоци на тоа поле, а министерот Спасовски ме запозна со ситуацијата во Македонија. Македонците веќе работат некои проекти за дерадикализација, ги процесуираат повратниците од терористичките организации и слично. Би било многу добро во тој сегмент да размениме информации и искуства. Тука се наоѓаме во тој заеднички регионален проект, кој се финансира од средствата на ЕУ, за борба против тероризмот на Западен Балкан“.
Мектиќ додаде дека секторот за заштита на податоците на БиХ ѝ помага на Македонија, а оти тие ќе ги споделат своите искуства во однос на именување на офицери за врска во Хаг, за да не се повторуваат евентуални грешки од македонска страна во тој процес. Тој најави дека наскоро меѓу двете земји ќе биде потпишан договор што ќе им овозможи на граѓаните на Македонија и на БиХ во двете земји да влегуваат со лична карта.
„Средбата беше од огромно значење, и не само што ќе ја подобри безбедносната ситуација во нашите земји, туку и во регионот. Имаме многу меморандуми за соработка што ги потпишавме со БиХ, пред сè, за полициска соработка. Разговаравме за тоа како оваа соработка да ја подигнеме на повисоко оперативно ниво, да разменуваме службеници, податоци и во таа смисла, се согласивме да формираме оперативна група на ниво на министерства. Главна тема, како во светот така и кај нас, е борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Тоа претставува огромна опасност за целиот регион, па договоривме дека тероризмот и насилниот екстремизам се многу важен сегмент. На тоа поле на соработка именувавме координатори, а тоа се два заменици-министри, и на тој начин соработката ќе се подигне на повисоко ниво“, нагласи Спасовски.
Тој додаде дека е договорена соработка на Центарот за обука на Скопје и Полициското училиште од Мостар, бидејќи покрај средствата, за безбедноста мошне важна е и едукацијата на кадарот, за соодветно справување со сите проблеми на денешницата.