Furkan Abdula
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“, денеска во главниот град на Словачка, Братислава, оствари средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на Европската Унија (ЕУ), за дијалогот помеѓу Белград и Приштина и за други прашања за Западен Балкан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Претседателскиот кабинет, двајцата соговорници размениле мислења и информации поврзани со најновиот развој на настаните во регионот, предизвиците со кои се соочува регионот, особено во поглед на регионалната стабилност, како и на значењето на регионалната соработка и процесот на проширување на Европската Унија.
- „Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ“
„Во таа насока, претседателот Пендаровски го информира специјалниот претставник Лајчак дека Северна Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ за кои се очекува формален почеток за време на германското претседателство“, се наведува во ова соопштение.
Се истакнува дека специјалниот претставник Лајчак посочил на Северна Македонија како исклучително позитивен пример во регионот, истакнувајќи го многу значајниот напредок постигнат во изминатите години.
Во соопштението се нагласува дека Пендаровски го информирал високиот претставник Лајчак за актуелните состојби во земјава и изразил задоволство од нивната редовна комуникација и размена на информации од заемен интерес.