Samir Kajoševic
08 Октомври 2020•Ажурирај: 09 Октомври 2020
ПОДГОРИЦА
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, соопшти дека денеска во Собранието ќе упати предлог, мандатар за составот на новата Влада да биде носителот на опозициската листа „За иднината на Црна Гора“, Здравко Кривокапиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ѓукановиќ ова го соопшти по консултациите со носителите на изборните листи на трите опозициски коалиции кои имаат мнозинство во црногорскиот Парламент. Црногорскиот претседател, за новиот мандатар за состав на Владата се консултираше со Кривокапиќ, носителот на листата „Мирот е нашата нација“, Алекса Бечиќ и со лидерот на коалицијата „Црно на бело“, Дритан Абазовиќ.
Ѓукановиќ рече дека со именувањето на новиот мандатар и со признавањето на изборните резултати Црна Гора покажува демократски капацитет и зрелост.
„Црна Гора е препознаена како важен фактор на регионалната стабилност. Покажавме дека изградивме веродостојна стабилност. Партиите кои никогаш не беа во Владата, сега првпат ќе ја вршат таа работа, а оние кои беа во власта, сега ќе бидат опозиција“, рече Ѓукановиќ.
Тој истакна дека од новата Влада очекува полна посветеност, зачувување на здравјето на граѓаните и донесување мерки за заштита на економијата. Ѓукановиќ рече дека новата Влада би требало да го користи Извештајот на Европската комисија за напредок за 2020 година, како водич во својата работа.
„Се надевам дека ќе направи сѐ што е можно за понатамошно привлекување на странски инвестиции. Направени се значителни реформ, така што во сите сегменти разликите се видливи. Доколку сакаме да бидеме дел од ЕУ, мораме да размислуваме и за нејзиното толкување на нашиот уставно-правен систем. Ќе се залагаме во наредниот период повнимателно да работиме со нашите ЕУ-партнери и да дојдеме до решенија кои нема да претставуваат пречка, туку наш понатамошен напредок“, рече Џукановиќ.
Претседателите на трите коалиции, по конститутивната седница на Парламентот, на 23 септември, на Ѓукановиќ му го доставија предлогот Кривокапиќ да биде мандатар, со потписи на 41 пратеник.
Со Уставот на Црна Гора предвидено е мандатарот во Собранието на Црна Гора да ја соопшти својата програма и да го предложи составот на Владата, за што Парламентот одлучува истовремено.
Собранието има рок од 90 дена, односно до 8 јануари 2021 година, да ја избере Владата. Со Уставот е предвидено доколку дотогаш Парламентот не ја избере Владата, Собранието да се распушти и да се закажат нови избори.