Vesna Besic
28 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
САРАЕВО (АА) - Министерката за труд и социјална политика на Северна Македонија, Јагода Шахпаска, денес во Сараево се состана со министерот за човекови права и бегалци во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шахпаска престојува во Сараево по повод Вториот Министерски состанок за интеграција на Ромите кој се одржа во организација на Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина и Регионалниот Совет за Соработка.
На средбата со министерот Лучиќ, Шахпаска говореше за положбата на Ромите во Северна Македонија.
„Ние како држава Северна Македонија се потрудивме да одиме напред кога се во прашање Ромите. На денешната конференција имав можност да слушнам дека проблемите се исти, кога станува збор за Ромите, во нашата држава како и во државите од Западен Балкан. Тоа се проблеми кои се однесуваат на образованието, станбеното згрижување, вработувањето... “, рече Шахпаска.
Наведе дека денес имале можност да разменат искуства.
„Како држава, постигнавме многу. Отворивме детска градинка во ромска општина во Скопје во која ќе бидат сместени 306 деца на возраст до шест години со што сакаме да испратиме порака дека сите деца ни се подеднакво важни. Државата секоја година субвенционира 400 бесплатни сместувања за деца кои доаѓаат од ромски семејства во градинките“, појасни Шахпаска.
Како што истакна, секоја година се издвојуваат 700 стипендии за ученици од основните и средните училишта.
„Државата обезбедува и стипендии за студенти од ромските семејства. Домувањето на Ромите е многу важно прашање. Тоа е прашање на кое многу работиме. Овозможивме на децата за време на пандемијата, бидејќи наставата се одвиваше онлајн, да добиваат таблети и лаптопи“, истакна Шахпаска.
Министерот за човекови права и бегалци во Советот на министри на Босна и Херцеговина, Милош Лучиќ, нагласи дека во наредниот период треба да се работи на подобрување на положбата на Ромите во општеството.
„Заедничко мислење е дека треба да работиме на станбеното и социјалното згрижување на Ромите, образованието, вклучувањето во општеството и вработувањето. Кога имаме вработен Ром, тогаш имаме решение и останати работи“, појасни Лучиќ.
„Нивната моментална положба не е на завидно ниво. Мора да работиме на едукацијата на Ромите“, додаде Лучиќ.