Zylfije Adem Jakupi
22 Јули 2020•Ажурирај: 23 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, се огласи по повод протестот организиран против изградбата на Големата џамија во Приштина од страна на Турција, оценувајќи дека е горд што токму тој го поставил камен темелникот за нејзината изградба, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Тачи на својот Фејсбук профил напиша дека е горд и што со својот претходник Ибрахим Ругова го положил камен темелникот на Катедралата која е изградена во Приштина.
„Се чувствувам добро и гордо што заедно со лидерот на христијанската заедница и со претседателот Ругова го поставивме камен темелникот на Катедралата во Приштина. Исто така, се чувствувам добро и гордо што заедно со лидерот на муслиманската заедница и со претседателката Јахјага, го поставивме камен темелникот на џамијата во Приштина“, напиша Тачи.
Тој истакна дека Косово покажало дека е најдобар пример во регионот и пошироко кога е во прашање верската толеранција низ вековите и дека никој нема причина на верска основа да се чувствува навреден, игнориран или привилегиран.
По повод денешниот протест против изградбата на џамијата, Тачи рече дека протестите и изразувањето незадоволство се демократски вредности, но дека тоа не треба да служи за поттикнување меѓуверска и меѓуетничка омраза.
Околу дваесетина граѓани, претежно жители на населбата Дарданија, каде започна изградбата на Големата џамија, протестираа денеска на повик на ветеранот на Ослободителната војска на Косово, Бинак Гаши. Гаши повика на протест критикувајќи го фактот што џамијата е финансирана од Турција. Додека едни протестираа имаше и граѓани кои ја поддржуваа помошта на Турција.
Минатата недела, на 15 јули, по осум години од поставувањето камен темелник, започнаа активностите за изградба на централната џамија во Приштина во присуство на претседателот на Исламската заедница на Косово, муфтијата Наим Трнава, и неговите соработници. На верниците во Приштина со години им недостасува голема џамија, особено во петок, кога на петочната молитва (џума намаз) има многу повеќе верници отколку во другите денови од неделата. За изградба на централната џамија собрани се околу 40 милиони евра.