Zülfiya Yakup
26 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, телефонски разговараше со премиерот на Албанија, Еди Рама, за да се информира за состојбата по земјотресот што рано утринава ја погоди Албанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тачи соопшти дека релевантните единици на Косовските безбедносни сили (КБС) веќе тргнале во подрачјата погодени од земјотресот.
„На премиерот Рама во име на граѓаните на Косово му изразив искрено сочувство поради жртвите настрадани во земјотресот. Го уверив премиерот дека Косово ќе ја поддржи Албанија. Релевантните единици на Косовските безбедносни сили веќе тргнаа во подрачјата погодени од земјотресот“, наведе Тачи на социјалната мрежа Фејсбук.
Истовремено вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, телефонски разговараше со албанскиот претседател, Илир Мета, при што му ја пренесе солидарноста и подготвеноста на народот на Косово да ја понуди потребната помош на Албанија, која е погодена од земјотресот.
Харадинај на Фејсбук соопшти дека барал од командантите на Косовските безбедносни сили (КБС), генералот Рахман Рама и директорот на Полицијата на Косово, Рашит Ќалај, да ги мобилизираат сите итни единици за помош на државата и граѓаните на Албанија со сите потребни капацитети.