Husamedin Gina
31 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Северна Македонија соопшти дека објавените бројки и проценти за Турците во пописот се нереални, и дека затоа резултатите не ги признаваат и не ги прифаќаат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Националното координативното тело (каде што се зачленети сите турски невладини организации, политички субјекти од турската заедница, истакнати турски интелектуалци, универзитетски професори и други влијателни личности од турската заедница во земјата) се истакнува дека е одржана седница на која се оценети објавените резултати од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021.
Наведувајќи дека искажаната загриженост пред и за време на пописот, за жал, е потврдена, во соопштението се нагласува дека објавените резултати и проценти не ја претставуваат вистинската слика за турскиот народ во земјава, односно дека бројките и процентите се потценети.
„По одржаниот состанок на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во РСМ, објавените бројки и проценти за Турците во пописот ги означуваме за нереални и ја информираме јавноста дека резултатите не ги признаваме и не ги прифаќаме“, се нагласува во писменото соопштение.
Национално координативното тело, во соопштението исто така додава дека се воочува огромна разлика меѓу неговите податоци од различни населени места каде што живеат Турци и објавените податоци на Државниот завод на статистика.
„Согласно горенаведените факти, турскиот народ во Република Северна Македонија под никакви услови не ги признава пописните бројки и проценти“, се подвлекува во соопштението.
Се нагласува дека во врска со пописните резултати максимално ќе се искористат сите законски и демократски права, како и правото на приговори во наредниот период.
Меѓу другото, Националното координативно тело наведе дека во текот на процесот многупати го изразиле незадоволство околу методологијата, недостатоците при пописот, недоволниот број Турци попишувачи и инструктори, прекините и со денови нефункционирањето на апликацијата за попишување во земјава и во странство, проблемите со преводот и недостатоците во софтверот, недоволната информираност на населението за пописот, притисоците и манипулациите на терен и фактот дека многу граѓани Турци не се избројани, односно попишани.
Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Северна Македонија, во соопштението, потсетувајќи дека за проблемите, пропустите и забелешките се информирани сите надлежни институции, органи и претставништва на странските мисии во државата, додава дека неговите барања се занемарени и игнорирани и дека ваквиот пристап на надлежните институции го засенило целокупниот пописен процес.