Fatjon Cuka,Furkan Abdula
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Поминаа 13 години откако Албанија стана членка на НАТО, пишува Агенција Анадолија (АА).
Албанија за време на комунистичкиот режим беше членка на Варшавскиот пакт заедно со Бугарија, Чехословачка, Источна Германија, Унгарија, Полска, Романија и Сојузот на Советските Социјалистички Републики.
Варшавскиот пакт беше воспоставен со Договор за пријателство, соработка и заемна помош потпишан од осум социјалистички земји од тој период.
Албанија на пактот, кој е воено-политичка унија, се приклучи во 1955 година, а го напушти во 1968 година.
По падот на комунистичкиот режим во земјата во 1991 година, Албанија се сврте кон евроатлантскиот пат.
Албанија стана членка на Северноатлантскиот совет за соработка во 1992 година, кој беше формиран за да ги подобри односите со земјите што го напуштија комунистичкиот режим во Европа.
Албанија ја потпиша Јадранската конвенција со Хрватска, Македонија и САД во мај 2003 година.
Официјалните лица оваа конвенција ја опишаа како иницијатива што го подготви членството на Албанија во НАТО.
Албанија покана за членство во НАТО доби на Самитот во Букурешт на 2 април 2008 година, а преговорите за членство во НАТО официјално ги отвори на 25 април 2008 година.
На 8 јули 2008 година, членките на НАТО во Брисел ги потпишаа протоколите на Албанија и Хрватска до Алијансата.
Албанија официјално стана членка на НАТО на 1 април 2009 година, по ратификацијата на пристапните протоколи на Алијансата од страна на земјите членки.
Знамињата на Албанија и Хрватска, официјално за првпат беа поставени во седиштето на НАТО во Брисел на Самитот на НАТО во Стразбур/Келн, одржан на 4 април 2009 година.
- Соработка Албанија - НАТО
Албанските власти, откако земјата стана членка на НАТО, започнаа со спроведување на интегративните процеси во безбедносниот и одбранбениот сектор за целосна интеракција со Алијансата.
Албанија и НАТО соработуваат на полето на реформите во одбраната и безбедноста и реформите на одбранбените институции.
Односите Албанија - НАТО влегоа во нова фаза по одлуката на НАТО да изгради воздухопловна тактичка база во албанската област Кучова. Оваа база е првата воздушна база на НАТО на Западен Балкан.
Процесот на реализација на проектот кој чини приближно 45,8 милиони евра, започна во јануари годинава. Проектот вклучува подобрување на пистата на воздухопловната база, на инфраструктура за контрола и безбедност на летови, на патиштата за поврзување и други помошни возила.
- Придонесот на Албанија во мисиите на НАТО -
Пред и по пристапувањето во Алијансата, Албанија придонесе во меѓународните мировни операции спроведени од НАТО, Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН).
Албанските вооружени сили беа дел од меѓународните операции и мисии во Косово, Босна и Херцеговина, Мали, Егејското Море, Латвија, Ирак, Авганистан, Чад, Грузија и Јужен Судан.
Според официјалните податоци на албанското Министерство за одбрана, 8.105 албански војници учествувале во воените операции спроведени од НАТО, ЕУ и ОН од септември 1996 година до декември 2021 година.
Албанија до 2008 година потпиша голем број договори како дел од процесот на станување членка на НАТО.