Seyyid Emin
24 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
ТЕТОВО (АА) - Турската хуманитарна фондација за човекови права и слободи (Фондација ИХХ) даде поддршка за опремување со столчиња и маси за Општинското средно стручно училиште „Ѓоце Стојчевски“ во Тетово, јавува Агенција Анадолија (АА).
На свеченоста организирана по овој повод во соработка со Здружението за образование и култура „Калканделен“, присуствуваа градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи; членот на Управниот одбор на ИХХ, Осман Аталај; директорката на училиштето „Ѓоце Стојчевски“, Севдије Мустафаи, како и професори, ученици и голем број поканети гости.
Аталај во изјава за медиумите потсети дека минатата година ја реставрирале училницата за дизајн во ова училиште, и дека оваа година ги обновиле столчињата и масите на шест училници.
Според него, во секоја нивна посета на училиштето забележуваат дека се зголемуваат стандардите на ова училиште, додека, како што рече, ќе направат сè за зголемување на образовниот квалитет во училиштето.
„Поддршката дадена во образованието е многу важен елемент во човековиот живот. Доколку (учениците) се стекнат со квалитетно образование во ова училиште, сметаме дека тоа ќе биде многу убаво сеќавање во нивниот живот“, нагласи Аталај.
Директорката на училиштето, Мустафаи, истакна дека денес се домаќини на гостите од Турската фондација ИХХ со кои, како што рече, се во постојана соработка.
Мустафаи нагласи дека во рамки на оваа соработка работат на ново опремување на училишната зграда.
„Како и во изминатите години, имавме соработка во однос на училницата за дизајн во нашето училиште. Денес ги отвораме или опремуваме училниците со нови столчиња и маси. По овој повод, ги опремивме со 70 нови маси и со 100 нови столчиња. Се надеваме дека во наредните проекти ќе го опремиме целото училиште“, додаде таа.