Furkan Abdula
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ДРАЧ (АА) – Турција е првата земја што обезбеди помош за погодените од земјотресот во Албанија. Со помошта што дојде од различни институции, Турција продолжува да им помага на погодените од земјотресот во Албанија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Тимот на турската Црвена полумесечина, кој од Босна и Херцеговина стигна до зоната на земјотресот во Драч.
Претставникот на Црвената полумесечина одговорен за комуникации со јавноста, Озгур Алтинај, во изјава за АА рече дека екипа на Црвената полумесечина, која во моментот се наоѓала во Босна и Херцеговина, пристигнала во Албанија.
Истакнувајќи дека моментално се наоѓаат во Драч, Алтинај нагласи: „Продолжуваме да правиме проценки на теренот за тоа што е потребно. Од Анкара тргна конвој од два камиона со помош. За кратко време ќе стигнат во регионот. Во камионите има шатори, ќебиња и комплети за хигиена.“
Подвлекувајќи дека ќе се обидат да ги задоволат потребите на луѓето колку што е можно и да ги „покријат нивните рани“, Алтинај рече:
„Од овој момент со авион на Турските вооружени сили во регионот стигнаа и екипите на Националниот тим на медицински спасувачи (УМКЕ). Исто така, пристигнаа и екипите на Управата за вонредни ситуации во Турција (АФАД). Во авионот се наоѓаа и екипите на Црвената полумесечина. Во областа, и владините институции и организациите за граѓанско општество ќе работиме заедно.“
Алтинај, исто така, истакна дека ќе продолжат да помагаат во регионот во соработка со албанскиот Црвен крст.
Продолжуваат активностите за пребарување и спасување во областите на Тумане и Драч, што се најпогодени од земјотресот. Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) дистрибуираше 500 пакети со храна и 500 ќебиња на стотици семејства во овој регион.
Албанија вчера беше погодена од два силни земјотреси, со епицентар во Драч во 3:55 часот со јачина од 6,4 степени на длабочина од 10 километри, и подоцна со јачина од 5 степени кај ’Ртот Родон.
Бројот на жртвите од земјотресот што ја погоди Албанија според официјалните податоци достигна 24, додека повеќе од 600 лица се повредени.
Транспортниот авион од типот „А400М“ на Турските вооружени сили (ТСК), подготвен со координација на Управата за вонредни ситуации во Турција (АФАД) синоќа слета на Меѓународниот аеродром во Тирана.
Авионот транспортира три возила за пребарување на АФАД и 27 лица за пребарување и спасување од Националниот тим на медицински спасувачи (УМКЕ) и турската Црвена полумесечина.