Husamedin Gina
08 Април 2021•Ажурирај: 09 Април 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека вакцината на „АстраЗенека“ во земјава нема да се дава на лица помлади од 60 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, по посетата на „А1 Арена“, каде што се одвива масовната имунизација, даде изјава за медиумите на која се осврна на процесот на вакцинацијата во земјата.
Филипче, истакнувајќи дека денеска се вакцинираат дел од здравствените работници и наставниците на учениците од прво до трето одделение, рече дека процесот на вакцинација во „А1 Арена“ се одвива одлично и дека во текот на овој месец во земјава треба да стигнат околу 300.000 вакцини, од кои најголем дел од Кина.
Осврнувајќи се на вакцината на „АстраЗенека“, министерот Филипче рече дека Европската агенција за лекови (ЕМА) остави секоја земја да заземе став кого ќе вакцинира, но во упатството да бидат наведени несаканите ефекти.
„По евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби, особено кај младите луѓе, бордот излезе со две препораки. Првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина, второ, секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината. И согласно со тоа, по утринските консултации донесовме став вакцината на „АстраЗенека“ во нашата земја да не се дава на лица помлади од 60 години“, нагласи Филипче.
Во врска со слободните места во болниците, министерот Филипче рече дека сосема доволен број кревети има во Скопје и низ државата и дека вчера во текот на денот почувствувано е мало спласнување на ситуацијата.
„Многу веројатно е дека врвот е зад нас. Но тоа ќе го кажеме некаде на почетокот на следната недела“, рече Филипче.
Меѓу другото, министерот Филипче истакна дека досега во земјава се вакцинирани 15.500 граѓани.