Admir Fazlagic
26 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Засега нема потреба од воведување полициски час во Северна Македонија поради влошената состојба со Ковид-19, но потребно е да се почитуваат актуелните мерки против ширењето на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ова денеска го истакна министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, кој заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, одржа прес-конференција.
Министерот Филипче информираше за разговорите на состанокот со членовите на Комисијата за заразни болсти, при што рече дека разговарале и за огромната потреба за тестирање за Ковид-19. Тој истакна дека се обезбедени 350 тестирања за Ковид-19 повеќе, на дневно ниво, во повеќе здравствени институции.
Во однос на најавената помош од респиратори од НАТО, Филипче рече дека 60 респиратори и лична заштитна опрема ќе пристигнат во земјава во петок, 30 октомври, по што соодветно ќе бидат поделени и распределени во јавно-здравствените установи во согласност со потребите, експертизата и бројот на пациенти коишто се лекуваат.
На прес-конференцијата, Филипче потсети дека утре пред пратениците во Собранието на Северна Македонија е Законот за заштита на населението од заразни болести, при што изрази верба дека пратениците брзо ќе го изгласаат законот, затоа што, како што рече, тој пакет на предложени мерки заедно со актуелните, се мерки кои практично се имплементираат и користат и во другите европски земји.
Според него, во овој момент дополнителен пакет и друга форма на мерки не треба да се имплементираат ниту да се препорачуваат, но апелираше до граѓаните да се почитуваат мерките со што ќе се придонесе да запре ширењето на Ковид-19.
„Сметам дека во овој период полицискиот час не е решение, доволно е да се почитуваат сега овие мерки. Генерална препорака и на состанокот со сите земји од регионот е да нема таква форма на ограничување на движењето, а пакет на мерки којшто имитира полициски час практично е во сила“, рече Филипче.
Вчера во Северна Македонија се регистрирани 22 смртни случаи од Ковид-19, што е рекордна бројка на починати од овој вирус во едно деноноќие. Прашан од новинарите да ја прокоментира причината за големата стапка на смртност, министерот Филипче рече:
„Огромен процент од пациентите се со коморбидитети, значи тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време, понатаму еден сериозен број на пациенти кои доцна доаѓаат во болница со веќе тешка манифестација на болеста. Тоа е тренд којшто нè следи од почетокот, ама сега генерално бројката се зголеми на пациенти што доаѓаат доцна во болница. Над 85 проценти од починатите се пациенти коишто имаат коморбидитети.“
Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, напомена дека најголем број од пациентите со Ковид-19 се со лесна клиничка слика.
„Просечно, 80 отсто од сите регистрирани случаи се асимптоматски или со многу лесна клиничка слика. Останатите 20 отсто се распределени вака: 12-14 отсто имаат лесна клиничка слика, тие се со лесно изразени симптоми, како температура, слабост, малаксаност, кашлање, отежнато дишење... Тука, пациентот останува дома и ја прима терапијата. Просечно, 2-4 отсто завршуваат на клиника и тие имаат најчесто воспалителен процес на белите дробови или некој друг коморбидитет којшто ја усложнува клиничката слика. Просечно 1-4 отсто завршуваат на респиратор“, појасни д-р Караџовски.
Потсетуваме, вчера во земјава се регистрирани 561 нов случај на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на регистрирани случаи со овој вирус во земјата се искачи на 26.954, додека вкупната бројка на починати од овој вирус се искачи на 919.
Во моментов бројот на активни случаи во земјата е 7.408.
Досега во земјата се реализирани вкупно 235.038 тестирања.