Husamedin Gina
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Северна Македонија Венко Филипче истакна дека преку амбасадата на Јапонија, отво земјата е донесен лекот „фавипиравир“ кој се покажал добар за лекување на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче денеска одржа прес-конференција на која информираше за состојбата со коронавирусот (Ковид-19) во земјата.
„Денеска преку итна неповратна помош, преку Амбасадата на Јапонија го добивме лекот „фавипиравир“, за земјите погодени од вирусот. Добивме за 100 пациенти. Станува збор за антивирусна терапија која што во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата од 2014 година. И сѐ уште не е одобрен да биде специфичен лек за Ковид-19, но во тек се бројни клинички студии. И веќе има добри резултати, не само во Јапонија туку и во повеќе земји“, нагласи министерот Филипче.
На прес-конференцијата министерот Филипче рече дека Комисијата за заштита од заразни болести денес и утре ќе разговара за можноста за отворање на граничните премини без задолжително прикажување на негативен ПЦР тест и карантин од 14 денови.
Тој нагласи дека целиот регион околу нашата држава е со ист епидемиолошки ризик и во текот на денешниот ден ќе се спроведат консултации и со министерствата за здравство на земјите од соседството.
Осврнувајќи се на капацитетите на болниците, министерот Филипче рече дека и покрај големиот број на пациенти болниците можат да обезбедат легла за заразените.
„Медицинскиот персонал е навистина преморен, ние секојдневно правиме и реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа и ова засега добро функционира“, рече Филипче, додавајќи дека нема да можат да издржат без помош од граѓаните и почитување на мерките.
Комисијата за заразни болести, според министерот Филипче, ќе ѝ предложи на Владата отворање на казината и автомат-клубовите во обложувачниците, а до крај на неделата да се отворат и фитнес-центрите.