Husamedin Gina
28 Февруари 2020•Ажурирај: 28 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, на редовната прес-конференција информираше за препораките за забрана на јавните собири, за пациентката со коронавирус и за генералната ситуација со коронавирусот „Ковид-19“ во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот, истакнувајќи дека вчера имале состанок на Комисијата за заразни болести, рече дека е дадена препорака да се ограничат масовните јавни собири, со фокус на карневалите во Струмица и Прилеп.
„Нашиот предлог ќе биде да се забранат сите јавни собири кај што има голема бројка на луѓе, без разлика дали се на затворено или на отворено. Во затворен простор ризикот на пренесување на инфекцијата е поголем, меѓутоа исто важи и на отворен простор ако дистанцата помеѓу луѓето е мала“, нагласи Филипче, додавајќи дека треба да се откажат и спортските натпревари.
Министерот Филипче, осврнувајќи се на најновата состојба на пациентката кај која е потврдено присуството на коронавирусот, рече дека таа е во стабилна состојба, нема знаци на компликации и дека е во фаза на заздравување.
Тој, исто така, рече дека патниците што патувале со пациентката се во домашна изолација и се во добра состојба и дека вчерашните резултати од двајцата патници од Италија се негативни.
Министерот Филипче додаде дека и двајца бугарски државјани што работат во една битолска компанија, кои се пријавиле дека биле во Италија, се во 14-дневен домашен карантин.