Zylfije Adem Jakupi
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ПРИШТИНА
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека кризата на северниот дел на Косово може да се реши само преку дијалог, и дека преговарачите на Косово и Србија за ова денеска разговараат во Брисел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По посетата на градинката „Цицримат“ во приштинската населба Калабрија, која беше изградена со средства од ЕУ, Фон дер Лајен и косовскиот премиер Курти одржаа заедничка прес-конференција на која разговараа за европската интеграција на Косово, но пред сѐ, за кризата на северниот дел на Косово каде што локалните Срби десетти ден по ред ги блокираат патиштата кон граничните премини поради одлуката на Владата на Косово да воведе реципроцитет на српските регистарски таблички.
Фон дер Лајен рече дека е загрижена за кризата на северниот дел на Косово и посочи дека таа може да се реши само преку дијалог.
„Многу е важно ситуацијата да не ескалира. Да се вратиме на преговарачката маса за да најдеме трајно решение, а единствениот начин да се постигне тоа е дијалог со помош на ЕУ, која е единствената платформа за решавање на тековната криза. Ќе продолжиме да бидеме во контакт затоа што сакам да го видам напредокот на Косово и тоа е можно само благодарение на соработката“, рече Фон дер Лајен.

Премиерот Курти рече дека предложил и Косово и Србија да ги укинат пробните таблички и дека е подготвен за сеопфатност и реципроцитет со Србија, бидејќи нема рамноправност без реципроцитет. Тој посочи дека Косово го прифатил предлогот на командантот на КФОР да се отстранат барикадите и војниците на КФОР да ги заменат специјалните сили на Косово, но дека Србија го одбила таквиот предлог. Додаде дека претседателите на четири општини на северниот дел на Косово, со мнозинство српско население, исто така го отфрлиле предлогот на КФОР, по консултации со српскиот претседател.
Премиерот Курти повтори дека специјалните единици на косовската полиција се на граничните премини во Брњак и Јариње за да ги заштитат граничарите и граничните премини. Тој посочи дека Косово не сака да има барикади на север, ниту напади како оној во Зубин Поток со терористички елементи.
„Кризата на границата меѓу Косово и Србија се должи на неприфаќањето на Србија на Јариње и Брњак да почнува друга држава. Таа држава е прифатена од 22 држави на Европската Унија и 26 држави од НАТО и независноста на Косово е реалност која мислам дека колку порано Србите и Србија ја прифатат, толку подобро ќе биде за сите нас. Србите во Косово се прилично кооперативни во однос на нашите мерки, но го имате претседателот на државата Србија кој зборува на јазикот од 90-тите години и мислам дека тоа е проблемот, не можете да дојдете на граница со тенкови и да го разнесете Центарот за регистрација на возила во Зубин Поток и истовремено да го доведете рускиот амбасадор на граница“, рече Курти на српски јазик како одговор на прашање од новинар.
Говорејќи за европската интеграција на Косово, Фон дер Лајен посочи дека целта Косово да стане дел од ЕУ сѐ уште ја имаат предвид, и дека децата на Косово имаат европска перспектива. Таа рече дека Косово треба да продолжи со економски развој и негување на европските вредности.
„Важно е“, додаде таа, „Косово да продолжи да ја консолидира борбата против криминалот и корупцијата.“
Таа рече дека дури и стратешките инвестиции не се оставаат настрана бидејќи се важни за одржлив развој, споменувајќи го проектот, Автопатот Ниш - Приштина, кој е финансиран од ЕУ, и кој треба симболично да ги поврзе Косово и Србија.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ инвестирала 3 милијарди евра во набавка на вакцини за земјите од Западен Балкан, и дека Косово добило 187 милиони за да се справи со последиците од пандемијата. Таа изјави дека ЕУ ја поддржува вакцинација против коронавирусот и дека е многу важно да се искористат сите вакцини.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, се состана со косовската претседателка Вјоса Османи утрово по нејзиното пристигнување. Посетата на Косово е дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан.