Husamedin Gina
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката и министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, соопшти дека Франција го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шекеринска, даде изјава за медиумите по своето обраќање на конференцијата „Улога на жената во сочувувањето на мирот и безбедноста - Резолуција 1325 - основа за акција“.
Истакнувајќи дека Северна Македонија е на еден чекор до полноправното членство во НАТО, Шекеринска рече дека Националното собрание на Франција го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО.
„Ова покажа дека навистина процесот за ратификација оди брзо и дека како држава имавме право или со право бевме амбициозни и покажавме дека ова членство го заслуживме, го одработивме. Она што останува е да се заврши процесот само во Шпанија, меѓутоа станува јасно дека ниту една земја членка немаше ниту една дилема во поглед на нашето заслужено членство во Алијансата“, нагласи Шекеринска.
Таа додаде дека очекува истата порака да се испрати и на самитот во Лондон, и третманот на Северна Македонија на самитот да биде како де факто членка на Алијансата.
Од вкупно 29 членки на НАТО, останува Протоколот за Северна Македонија да го ратификува уште Шпанија.
За да стане Северна Македонија полноправна земја членка на НАТО, Протоколот за пристапување треба да биде ратификуван во парламентите на сите земји членки на Алијансата.
Потсетуваме, земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во оваа алијанса на 6 февруари оваа година.