БИХАЌ (AA) - Неколку стотици мигранти, повеќето од Пакистан и Авганистан, и покрај тешките услови, доаѓањето на постудените денови и недостигот на основните намирници, и понатаму престојуваат во привремениот камп „Вучјак“ кај Бихаќ во Босна и Херцеговина (БиХ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Гладни, жедни и премрзнати планираат преку Босна и Херцеговина да преминат во Хрватска, а потоа и во останатите земји на Европската Унија (ЕУ).
Кампот, во кој мигрантите престојуваат во шатори, не е спремен за зимски услови, а помошта која им стигна последна, ќе биде доволна само за одредено време.
Европската Унија и хуманитарните организации во повеќе наврати предупредуваа на состојбата во која се наоѓа кампот и повикаа на негово итно затворање. Доколку во наредниот период не се пронајде решение, кризата, очигледно, ќе биде продлабочена.
Во кампот немаат доволно количество вода, а и санитарните услови се многу лоши.

Хуманитарните организации работат неуморно за мигрантите во кампот да можат да добијат оброк, но често не можат да одговорат на потребите на сите.
Помош неодамна пружи и Црвената полумесечина на Турција, а конвојот од пет шлепери тргна на 15 ноември од Турција и донесе 108 шатори, 3.000 ќебиња, како и поголеми количества храна и зимска облека.
Мухамед Чехиќ, член на Мобилниот тим на Црвениот крст за Бихаќ, рече дека во кампот моментално се наоѓаат околу 700 мигранти, но дека таа бројка константно расте.
Појасни и дека Црвениот крст работи сѐ што може за да им помогне на овие луѓе и дека дневно им делат два оброка.
„Во овој камп на Вучјак најмногу луѓе има од Пакистан, Авганистан, има нешто помалку од Индија, Бангладеш, Кашмир...“, рече Чехиќ.
Додаде дека мигрантите не сакаат да останат во БиХ и предупреди дека зимата се наближува, што дополнително ќе ги отежне условите во кампот.
- Се греат собирајќи гранки по шума -
Во кампот се наоѓаат само машки лица, а во околните шуми собираат гранки за малку да се стоплат и нешто да зготват.
Во текот на денот заминуваат до Бихаќ, и тука во согласност со скромните можности, купуваат артикли кои им се неопходни, а навечер се враќаат во кампот.
Од кампот, група од нив, за време на денот, настојуваат низ шума да преминат во Хрватска.
Еден од нив го покажува патот низ шумата и вели: „Ова е патот кој води кон Италија.“
За тој долг пат потребни им се пари, кој настојуваат да ги заработат продавајќи им храна на другите мигранти или со наплатување за полнење на батериите на мобилните телефони.
- Се жалат на однесувањето на хрватската полиција -
Многумина од нив повеќепати се обидувале да ја преминат границата, но ги фаќала хрватската полиција и ги враќала назад. Истакнуваат дека однесувањето на хрватската полиција е еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат.

Мустафа пред една година тргнал на пат од Пакистан. Досега петпати се обидел да ја премине границата.
„Сакам да отидам во Италија, но секогаш ме фаќаа. Хрватската полиција, кога нѐ фаќа, ни зема сѐ што имаме. Ни ги зема дури и капутите и така по студеното време нѐ враќа назад“, тврди Мустафа.
Додаде дека не сакаат да им пречат на луѓето во нивната работа и дека поради тоа секогаш бираат поминување низ шума.
Сепак, на границата, тврди тој, се соочуваат со нехумано однесување кон нив.
Во БиХ од Пакистан дошол пешки.
„Тука сите сакаат да отидат во друга европска земја. Сакаме таму да работиме, да заработуваме и остатокот од заработката да им го праќаме на семејствата“, појасни Мустафа.
Авганистанецот Омер, пред да дојде во БиХ, една година поминал во Турција. Укажа на многубројните проблеми со кои се соочуваат во кампот во Бихаќ.
„Тука нема вода, нема храна, немаме дури ниту чевли“, се пожали Омер.
Во БиХ дошол преку Грција, Северна Македонија и Србија, а преку Хрватска и Словенија сака да премине во Италија, потоа во Белгија.

И Енвер е од Пакистан, сака да премине во Германија. Се жали на условите во кампот „Вучјак“ во Бихаќ, истакнувајќи дека немаат тоалети, храна, ниту место на кое можат да спијат.
Свесен дека зимата се ближи, додава дека недостигот на вода е голем проблем.
„Освен тоа спиеме на земја, ни треба покривка“, рече тој.
Мигрантската криза донесе и бројни проблеми на Бихаќ и во околните места. Со оглед на тоа дека се наоѓа во близина на границата со Хрватска, секој ден на тоа подрачје доаѓаат нов број мигранти, а властите и понатаму немаат решение како да го олеснат товарот и да управуваат со мигрантската криза.
news_share_descriptionsubscription_contact


