Senita Sehercehajic
23 Ноември 2024•Ажурирај: 23 Ноември 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Владата на Република Хрватска на телефонска седница го отфрли предлогот на парламентарната опозиција за недоверба на премиерот Андреј Пленковиќ, известува Анадолу.
Социјалдемократската партија (СДП), најголемата опозициска партија во Собранието, во петокот поднесе барање за импичмент на премиерот Пленковиќ и на Владата, а во врска со корупцискиот скандал во здравството и разрешениот министер за здравство Вили Берош.
Берош беше приведен минатата недела, а Државното правобранителство на Република Хрватска (ДОРХ) и Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) го сомничат за измама при јавна набавка на медицинска опрема.
Во барањето за изгласување недоверба на Пленковиќ и на Владата, напишано на 17 страници, СДП ги наведе причините поради кои бараат импичмент. Документот го потпишале 31 пратеник во Парламентот, објавија хрватските медиуми.
Владата во своето соопштение ги отфрли сите наводи од предлогот за покренување на прашањето за доверба на Пленковиќ како неосновани и посочи дека нема основа за гласање недоверба на премиерот.
Во соопштението на Владата се нагласува дека Владата на премиерот Пленковиќ никогаш нема ниту ќе ги штити лицата осомничени за сторени кривични дела и се додава дека тоа е видливо и од случаите што се водат пред судските органи за време на мандатите на оваа Влада.