ПЕТРИЊА (АА) - Земјотресот нанесе најголема материјална штета во градот Петриња, централна Хрватска, во кој загина 13-годишно девојче; во Мајска Полјана кај Глина, покрај материјалната штета, загинаа пет лица, додека во Лекеник, едно лице. Според моментално достапните податоци, 26 лица се потешко повредени и сместени во болница, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во градот Петриња скоро ниту еден објект не остана неоштетен, паднаа оџаци, ќерамиди и покриви, а и надворешни sидови.
Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, рече дека граѓаните поминале две непроспиени ноќи, со оглед на тоа дека првиот земјотрес го погоди овој град завчера, а најсилниот се случи вчера околу 12:19 часот, со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала со епицентар на само 5 километри од градот.
„Кога го имавме првиот земјотрес, мислевме дека ќе имаме само помал потрес, не и поголем“, рече Думбовиќ, изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите сограѓани:
„Првин се обидовме да ги извлечеме луѓето од под урнатините. Вчера извлековме 21-годишно лице кое останало заробено во Градската управа. Го извлекувавме три часа, кучињата го забележаа и го лоциравме преку мобилен телефон“, рече тој.
Околу 100 лица од Петриња се згрижени во Поповачи, а над 300 во локалната касарна, потврди Думбовиќ.

Во Петриња и околината пристигнуваат голем број луѓе кои сакаат да помогнат во санирање на штетите, членови на навивачки групи и пензионирани хрватски бранители од Загреб, Лика и од други хрватски места.
Думбовиќ ги повика граѓаните кои сакаат да помогнат, тоа да го сторат организирано, во договор со Цивилната заштита, бидејќи, посочи, на секого што ќе дојде треба да му се обезбеди сместување.
Според последниот попис, Петриња имала 21.500 жители. Градоначалникот посочува дека големо мнозинство граѓани не сакаат да ги напуштат своите домови, иако стигнаа покани до жителите на Петриња и до сите оние чии објекти се оштетени од земјотресот да се сместат во хотели низ цела Хрватска, во апартмани и куќи што ги ставија на располагање граѓаните заради солидаризирање. Тој ги повика граѓаните да ги прифатат овие понуди и привремено да се тргнат од градот каде што сè уште демне опасноста од оштетените објекти.
Најголем дел граѓани ја поминаа ноќта во автомобили или шатори, надвор, некои палеа оган за да се стоплат по дождот што падна во текот на ноќта, затоа што дури и оние чии домови се скоро неоштетени се плашат да спијат пред статистичарите да ја проценат состојбата на објектот.
Една од нив е Марица Павловиќ, постара жителка на Петриња, која заедно со сопругот седи во Градскиот парк и бара статистичарите да проценат дали нејзината зграда е безбедна за живеење, иако зградата однадвор изгледа неоштетена.
„Не смееме да влегуваме во зградата затоа што сè е срушено, испукани се ѕидовите, сè е искршено, сè што имаме. Ги чекаме статистичарите, а кога ќе дојдат, не се знае. Не спиевме, само седевме кај пријатели и не знаеме што да правиме“, вели Марица и додава дека ниту таа, ниту нејзиниот сопруг не би го напуштиле градот:
„Немаме ниту за јадење ниту имаме што да облечеме, не смееме да влеземе во станот за да земеме некои работи.“
- Мајска Полјана, село со пет жртви -
На патот кон селото Мајска Полјана, поблиску до епицентарот на земјотресот, ситуацијата не е нималку подобра, но станува збор за главно понови куќи во споредба со стариот град Петриња, каде што се оштетени најголем број куќи.
Во Мајска Полјана, недалеку од Глина, некои куќи беа буквално срамнети со земја, вклучувајќи го и локалниот Дом на културата.
Во селото живее претежно постара популација, според локалните проценки, од 250 до 300 жители, кои главно се занимаваат со сточарство и земјоделство.
Членовите на семејството на Васиљ Куколеча пред полусрушената куќа извадија маса на која исекоа сушени производи од месо, покрај масата вклучија и генератор за да можат да го вклучат шпоретот ставен на влажната ливада во дворот.
Овој постар жител на Мајска Полјана не сака да го напушти својот дом, иако повеќе не е за живеење, напомош дошол неговиот син кој живее во Белград.
„Ја поминавме ноќта во автомобилот. Ние се спасивме, се скривме под рамките на вратите, а има соседи кои не успеаја да се спасат, кои беа затрупани“, вели Куколеча, кој вчерашниот потрес го затекнал дома.
Очекува хрватската Армија да постави шатор со греење во неговиот двор затоа што не сака да ги остави стоката и имотот.
„Во ова село загинаа татко и син, помлад 20-годишен жител, еден 30-годишник и едно постаро лице“, вели помлад жител на селото, Драгиша Лончаревиќ.
„Имаме пет лица кои починаа под урнатините, тоа е најголемата трагедија, а материјалната штета ќе ја санираме. Неоштетените куќи може да се избројат на прстите од едната рака, трафостаниците се срушени. Луѓето ќе мора да прифатат привремено сместување затоа што не можат да останат во своите куќи, преку ноќта спијат во автомобили“, вели Лончаревиќ.
На терен со градежна механизација во помош на граѓаните пристигна хрватската војска, која подигнува и шатори за луѓето чии домови беа оштетени и доставува вода за пиење и генератори.
news_share_descriptionsubscription_contact
