Abdula Berisha
05 Декември 2022•Ажурирај: 06 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за правда на Северна Македонија, Никола Тупанчески, престојува во официјална посета во Загреб, каде што се сретна со неговиот колега, министерот за правда и администрација на Хрватска, Иван Маленица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за правда на Северна Македонија, главни теми на разговорот биле зајакнувањето на билатералната соработка помеѓу двете земји во делот на правосудството, како и градењето на капацитетите за водење на преговорите во делот на Поглавјето 23: Правосудство и темелни права.
Како што стои во соопштението, на средбата биле разменети мислења за прашања преку кои Северна Македонија може да извлече практични и корисни искуства од Хрватска значајни за евроинтегративниот процес.
„Хрватска е добар пример за следење во однос на исполнувањето на конкретните задолженија во правосудството за зачленувањето на нашата држава во Европската Унија. Поглавјето 23 е едно од најобемните и сложени поглавја, а брзината и времетраењето на преговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот на преговарачкиот процес“, рече министерот Тупанчески.
Хрватскиот министер Иван Маленица посочи дека во наредниот период ќе се интензивираат соработката и дијалогот меѓу двете држави во насока на наоѓање решенија базирани на европските вредности.
На средбата се разговараше и за искуството на Хрватска за ветингот во правосудниот систем, сузбивањето на организираниот криминал и корупција, како и за имплементацијата на билатералните договори меѓу двете држави и законодавната агенда. Тупанчески и Маленица имаа свои обраќања и на Загрепско-скопскиот колоквиум што се одржа на Правниот факултет во Загреб.