Mustafa Talha Öztürk
05 Декември 2022•Ажурирај: 06 Декември 2022
БЕЛГРАД (АА) - Европската комисија претстави нов акциски план со Западен Балкан за зајакнување на соработката за миграција и управување со границите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Овој потег дојде во пресрет на Самитот ЕУ - Западен Балкан што ќе се одржи во главниот град на Албанија, Тирана, на 6 декември.
„Нерегуларните движења по должината на рутите на Западен Балкан значително се зголемија оваа година поради неколку фактори, вклучувајќи ги економските притисоци и несигурноста, што произлегуваат од тековните конфликти“, се вели во соопштението на Комисијата.
„Неусогласувањето на безвизниот режим со визната политика на ЕУ, исто така, придонесува за зголемување на бројот на луѓе кои пристигнуваат директно по воздушен пат во земјите од Западен Балкан и се движат понатаму кон ЕУ. Блиската соработка со нашите партнери од Западен Балкан е од суштинско значење за решавање на овие заеднички миграциски предизвици“, се вели во соопштението.
Според Комисијата, акцискиот план има за цел да ја зајакне соработката за миграција и управување со границите во регионот на Балканот во однос на нивниот единствен статус со перспективата за пристап во ЕУ и напорите за усогласување со правилата на ЕУ.
„Пристигнувањата по западнобалканската рута се тројно зголемени во споредба со минатата година“, рече Маргаритис Схинас, потпретседател на Комисијата.
Акцискиот план има 20 оперативни мерки структурирани по пет столба.
Главните фокуси се зајакнување на граничното управување по должината на рутите, брзи процедури за азил и поддршка на капацитетот за прифаќање, борба против криумчарењето мигранти, зајакнување на соработката за реадмисија и враќање, како и постигнување на усогласување на визната политика.
„Западнобалканската рута е во нашиот фокус веќе некое време. Со овој акционен план ние сега ја надоградуваме нашата добра соработка и обезбедуваме пат напред кон продолжување на блиската соработка“, рече комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.
Акцискиот план поставува низа мерки за зајакнување на поддршката на ЕУ за земјите членки кои се соочуваат со зголемен миграциски притисок по должината на рутите на Западен Балкан.