ВЕЛЕС (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -
Војните и судирите во земјите од Блискиот Исток во последните неколку години натераа милиони луѓе да се раселат и да тргнат по својот „пат на надежта“ со желба да го спасат својот живот и да имаат подобра иднина.
Дел од тој тежок пат што го поминуваат бегалците е и таканаречената Балканска рута во која е и Република Северна Македонија, каде што тие доаѓаат од Грција, и се обидуваат да поминат низ територијата на државата, да стасаат до Србија, со цел да продолжат понатаму кон земјите во Западна Европа.
Велес, град којшто се наоѓа во центарот на државата, е незаобиколна точка на патот на бегалците, кои патуваат од македонската јужна граница кон северот.
Токму во овој град живее хуманитарката Ленче Здравкин, која со години наназад во својот дом ги пречекува бегалците и мигрантите кои поминуваат низ градот Велес одејќи кон македонската северна граница. Таа во разговор за Агенција Анадолија (АА) раскажува за случувањата со бегалците, начинот на кој им помага, како и за сите нивни тешкотии и голготата што ја поминуваат со надеж дека ќе дочекаат подобро утре.
Како што раскажува хуманитарката Здравкин, таа живее до железничката пруга низ која поминуваат бројни возови, а со нив често и бегалците и мигрантите, за кои вели дека е невозможно да не ги забележи. Во разговорот, таа се присетува како почнала да ги забележува овие луѓе, особено во периодот пред повеќе од 5 години, кога бегалците во поголеми групи се движеле пеш.
„Пред моите очи почнаа да поминуваат првите групи на бегалци и очигледно беше дека на тие луѓе навистина им е потребна помош. Во првите денови не знаејќи ниту кои се ниту што се, воопшто не прашав, меѓутоа нивната здравствена состојба, нивната истоштеност јасно зборуваше дека на тие млади момчиња им е потребна човечка помош“, раскажува Здравкин.
На овие луѓе, како што вели таа, помошта секогаш им била добредојдена со оглед дека нивниот пат е долг и тежок, па затоа кога ги забележувала како поминувале ги повикувала во својот двор и дом и им укажувала помош, им давала облека, храна, неретко и лекови, а потоа тие продолжувале да патуваат.
Здравкин раскажува дека откако ќе се одмореле бегалците, раскажувале за нивниот пат, за проблемите со кои се соочуваат додека патуваат.
„Навистина ме радува и еден друг факт што последниве години навистина добро се подигна свеста на граѓаните на Македонија така што (бегалците) знаат и за убавата страна да раскажуваат и зборуваат, и тоа мене многу ми значи бидејќи верувам дека Македонија ќе ја понесат и онаму каде што ќе стасаат во нивната ветена земја“, вели Здравкин.
Таа се присетува на деновите во 2015 година кога сите што ги знаат тешкотиите на бегалците, со радост го дочекале моментот кога во земјава на бегалците им било дозволено од јужната до северната граница да се транспортираат со воз, што го олеснило нивниот пат. Меѓутоа, како што раскажува таа, откако во месец март 2016 година Балканската рута била затворена, бегалците и мигрантите илегално влегуваат во земјата во обид да поминат и да стасаат во Европа.
Хуманитарката Здавкин објаснува дека бегалците илегално ја поминуваат границата и дека се многу лесен „плен“ за криумчарите кои ги сретнуваат по патиштата, им ги земаат парите и не ги носат до дестинацијата за која мигрантите им плаќаат, туку ги растовараат на некои попатни места.
Според неа, временските услови во овој период од годината дозволуваат бегалците да патуваат и бројката знае да порасне.
„Бегалци има, тие се движат, тоа не е процес што може да запре туку така. Лошото е што ги користат товарните возови, тука се случуваат многу собраќајни незгоди, знаат да паднат од возот, да се испуштат. Сепак, три до четири часа од јужната до северната граница да се држите на товарен воз на надворешната страна не е лесно и едноставно“, вели Здравкин.
Таа раскажува дека бегалците се качуваат од надворешната страна на товарните возови и патуваат во обид да го скратат и олеснат својот пат, што често за нив знае да биде и фатално, бидејќи се чувствуваат уморни и истоштени, без храна, вода и соодветна облека за пат. Бројни се железничките несреќи во кои бегалците се повредуваат и загинуваат на велешките пруги.
„Жал ми е што пред неколку дена возот прегази бегалец од Пакистан, младо момче што е погребано тука на велешките гробишта. Тешки се тие моменти да го спроведете сето тоа, да го направите, да го преживувате, па после следува период на барање на комуникација, пронаоѓање на семејството, па како да го известите... Навистина не е едноставно“, раскажува Здравкин.
Патот на бегалците е тежок и ризичен, но сепак и понатаму тие се обидуваат да патуваат. Како што раскажува таа, и тогаш кога не успеваат да ја поминат границата на Северна Македонија, тие се упорни и се обидуваат по неколку пати да го направат тоа.
„Полицијата ги враќа назад во Грција меѓутоа имаме групи на бегалци и по 10 и по 15 пати што ја поминуваат границата. Тие и самите го кажуваат тоа. Ќе ги врати полицијата, па по неколку дена пак ќе направат обид, пак ќе ја поминат“, вели Здравкин.
Таа истакнува дека често во разговор со бегалците тие велат дека во нивните земји сѐ е разрушено, нивните семејства се убиени и немаат каде да се вратат.
Според неа, секој ден со бегалците и мигрантите е нова приказна, но повеќето од овие животни приказни се тажни. Раскажува дека сведочи на среќата на бегалците кога по денови и месеци ќе се јават кај нивните семејства и кога плачат.
„Тие моменти, навистина јас ги слушам како разговараат со нивните мајки, меѓутоа и мене ми потекуваат солзи бидејќи знам како е со месеци да не го слушнеш твоето дете, да не знаеш дали е живо или јадено“, вели таа.
По повод 20 Јуни - Светскиот ден на бегалците, таа упати порака луѓето секогаш кога се во можност да им помогнат на кој било начин на бегалците и да се обидат да бидат светлата точка на нивниот тежок пат на надежта за подобар и побезбеден живот.
„Секогаш апелирам и објаснувам на моето опкружување, на моите сограѓани, дека тоа се луѓе како сите нас, дека тоа се млади момчиња како нашите деца, интелигентни деца, што до вчера студирале, дека имаат свој сон да станат свои луѓе еден ден“, порачува Здравкин.
Таа потенцира дека патувањето на бегалците е тешко и апелира луѓето да им помогнат на овие лица каде и да ги сретнат, со цел да им го олеснат тешкото патување.
- Состојба со мигрантите во Република Северна Македонија -
Кризната состојба на јужната и на северната граница на државава е продолжена до 30 јуни оваа година. Станува збор за деветто продолжување на Одлуката за постоење кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање мигранти низ територијата на земјава, што беше донесена во август 2015 година.
Во март 2016, Балканската рута е затворена, а и понатаму продолжија илегалните миграции низ територијата на Северна Македонија. Од 2016 година па сѐ до текот на 2019 година, според податоците на МВР, фатени се вкупно 172.983 илегални мигранти.
Распоредено по години, според објавените податоци на МВР, во 2016 година фатени се вкупно 127.358 мигранти (во податокот е содржан и бројот на издадени потврди за време на мигрантската криза), во 2017 година 4.129 мигранти, во 2018 16.895 мигранти, а во 2019 година бројката на фатени илегални мигранти изнесува 24.601.
Во однос на податоците од март, април и дел од месец мај 2020 година, според податоците на МВР, спречени се 1.699 обиди за илегални преминувања. Во најголем дел фатените мигранти се од Авганистан, Пакистан, Либија, Сирија, Алжир.
Моментално, во прифатниот центар за бегалци во Гевгелија има 37 бегалци, а во Табановце нема ниту еден.