Adel Omeragic
20 Јануари 2021•Ажурирај: 21 Јануари 2021
ПОДГОРИЦА (АА) - Министерството за надворешни работи на Црна Гора ќе поведе дисциплинска постапка против петмина амбасадори кои не се одзвале на консултациите со министерот Ѓорѓе Радуловиќ, а не го оправдале своето отсуство, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Отповиканите амбасадори Миодраг Влаховиќ (Ватикан), Дарко Пајовиќ (Кина), Сања Влаховиќ (Италија) и Вера Кулиш (Германија), како и амбасадорот Небојша Калуѓеровиќ, не допатуваа во Црна Гора на амбасадорски консултации“, соопшти црногорското Министерство за надворешни работи.
Како што се наведува, амбасадорите кои оправдано не можеле да дојдат на консултации поради здравствени проблеми навремено го информирале Министерството за надворешни работи дека не се во можност да допатуваат во Црна Гора до 18 јануари.
„Имајќи го предвид фактот дека недоаѓањето на амбасадорски консултации без оправдана причина претставува потешко кршење на службената должност, против отповиканите амбасадори ќе биде поведена дисциплинска постапка. Со завршувањето на таа постапка на отповиканите амбасадори можно е да им биде прекинат и работниот однос“, појаснија од Министерството.