Elvır Hodzıc
05 Мај 2021•Ажурирај: 06 Мај 2021
САРАЕВО (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција ја поддржува интеграцијата на Босна и Херцеговина (БиХ) и земјите на Западен Балкан во европските и атлантските институции и дека продолжува да придонесува кон стабилноста и мирот врз основа на работата на трилатералните механизми Турција - БиХ - Србија и Турција - БиХ - Хрватска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, вчера допатува во Сараево, а денеска се состана со заменик-претседавачката на Советот на министри на БиХ и министерка за надворешни работи, Бисера Турковиќ.
По тет-а-тет средбата со Турковиќ и состанокот на проширените делегации на министерствата на двете земји, Чавушоглу се заблагодари за гостопримството и изрази задоволство за престојот во Сараево.
„Денеска имавме многу корисен состанок. Ги разгледавме начините на кои нашите одлични политички односи би можеле да ги прошириме и на сите други полиња. Сакам посебно да нагласам дека ќе продолжиме да пружаме силна поддршка на БиХ, особено во борбата против пандемијата на Ковид-19“, нагласи Чавушоглу.
Истакнувајќи дека трговската размена меѓу Турција и БиХ не опаднала ниту во условите на пандемијата, Чавушоглу изјави дека дошло до раст на извозот од БиХ и дека страните ќе продолжат да работат на продолжување на трендот кон балансирање на таа размена.
Делегациите разговараа за низа проекти, вклучувајќи го и најважниот проект за изградба на Автопатот Сараево - Белград, а Чавушоглу изрази задоволство од фактот дека Советот на министри на БиХ денеска треба да го ратификува Договорот за инфраструктурна и транспортна соработка.
„Разменивме мислења и за актуелните случувања во Босна и Херцеговина и регионот. Силно го поддржуваме политичкото единство, територијалната целост, мирот и просперитетот на БиХ. Нѐ радува тоа што по 12 години во Мостар се одржани локални избори. Во последно време беа активни некои трудови на тема целоста на БиХ и ние веднаш го изнесовме својот став за тоа. Денеска повторно нагласуваме дека таквите теми и дискусии се опасни, не само за БиХ туку и за целиот регион и Европа“, порача Чавушоглу.

Тој додаде дека кружењето на такви злонамерни анонимни документи не му донесуваат корист на никого и додаде дека за тоа вчера разговарал и со официјалните претставници на Словенија.
„И во Словенија кажав дека овие анонимни документи не можат да му бидат од корист на никого“, истакна Чавушоглу.
Тој порача дека Турција ја поддржува интеграцијата на БиХ и земјите на Западен Балкан во европските и атлантските институции и дека продолжува да придонесува кон стабилноста и мирот врз основа на работата на трилатералните механизми Турција - БиХ - Србија и Турција - БиХ - Хрватска.
Чавушоглу нагласи дека во втората половина на јуни во Анталија ќе биде одржан состанок на делегациите на земјите на Југоисточна Европа, а потоа и првиот дипломатски форум во Анталија на кој би требало да учествува и министерката Турковиќ.
На прашањето на новинарите за продолжување на помошта на Турција во екот на борбата против пандемијата, Чавушоглу изјави дека Турција ги набавува вакцините од различни добавувачи и наскоро очекува производство и на домашни вакцини, при што порача дека во тој контекст и во согласност со можностите ќе продолжи да ѝ помага и на Босна и Херцеговина и нејзиниот народ.
Тој го искоментира и продолжувањето на проектот за изградба на Автопатот Сараево - Белград во контекст на негативните последици на пандемијата по глобалната економија.
Чавушоглу изјави дека тој проект веќе е започнат од Србија и дека во тек се подготовките и во БиХ, а дека Турција силно го поддржува и верува во неговата успешна реализација.
„Наместо да излегуваат документи од непознати автори кои предизвикуваат дискусии кои не му се од корист на никого, а за кои и во Словенија ни рекоа дека тоа не го направиле и не ги пуштиле во јавност, значи, наместо такви работи кои раздвојуваат, треба да се фокусираме на проектите кои ги поврзуваат земјите и народите во регионот. Под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган Турција постави таква визија и придава важност и го поддржува проектот за Автопатот Сараево - Белград“, заклучи Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија денеска се состана со членовите на Претседателството на БиХ, претседавачот Милорад Додик и членовите Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, а во текот на денот ќе се состане и со претседавачот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија и членовите на Колегиумот на Претставничкиот дом и Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ.
Пред доаѓањето во Сараево, Чавушоглу престојуваше и во посета на Словенија за време на која во Љубљана се состана со словенечкиот министер за надворешни работи, Анже Логар, премиерот Јанез Јанша и претседателот Борут Пахор.