Ebru Şengül Cevrioğlu
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Европа може да се соочи со недостиг од дури 30 милијарди кубни метри природен гас кога континентот ќе ги дополни капацитетите за складирање гас во текот на клучниот летен период следната година, објави Меѓународната агенција за енергетика (IEA) во новата анализа објавена денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Анализата „Никогаш премногу рано за подготовка за следната зима: Билансот на гас во Европа за 2023 - 2024 година“, ја нагласи потребата од итно дејствување од страна на владите за намалување на потрошувачката на гас во услови на глобална енергетска криза.
Иако капацитетите за складирање гас во Европската Унија сега се полни 95 отсто, што е 5 отсто над петгодишното просечно ниво на исполнетост, извештајот предупредува дека сигурноста што ја обезбедуваат сегашните нивоа на гас во складиштата, како и скорешните пониски цени на гасот и невообичаено високите температури, не треба да води до премногу оптимистички заклучоци за иднината.
Меѓународната агенција за енергетика, исто така, предупреди дека процесот на полнење на капацитетите на ЕУ за складирање гас оваа година има корист од одредени клучни фактори кои можеби нема да се повторат во 2023 година.
Тука спаѓаат испораките на гас од рускиот гасовод, кои, иако драстично намалени во текот на 2022 година, беа блиску до „нормалните“ нивоа во поголемиот дел од првата половина од годината.
Вкупната испорака преку гасоводот од Русија до ЕУ во 2022 година ќе изнесува околу 60 милијарди метри кубни, но многу е мала веројатноста дека Русија ќе испорача уште 60 милијарди преку гасоводот во 2023 година, односно според анализата, руската испорака на гас во Европа би можела целосно да запре.
Меѓународната агенција за енергетика, исто така, посочи дека помалиот увоз на течен природен гас (ТПГ) во Кина во првите десет месеци од оваа година е клучен овозможувач на поголема достапност на течниот природен гас за Европа за да го компензира намалувањето на испораката на гас од Русија.
„Ако кинескиот увоз на ТПГ следната година се врати на нивото од 2021 година, тоа ќе преземе над 85 отсто од очекуваното зголемување на глобалното снабдување со ТПГ“, соопшти Агенцијата.
Се предвидува дека глобалните ресурси на ТПГ ќе се зголемат за само 20 милијарди метри кубни во 2023 година, од кои околу една третина доаѓаат од САД.
Очекуваниот пораст на глобалното снабдување со ТПГ следната година е околу половина од просечниот пораст од оној во периодот 2016 - 2019 година и многу помалку од веројатниот пад на испораките преку рускиот гасовод до ЕУ следната година.
Во случај на целосен прекин на испораката на руски гас во ЕУ и враќање на кинескиот увоз на ТПГ до нивоата од 2021 година, новата анализа на Меѓународната агенција за енергетика покажа дека Европа би можела да се соочи со јаз меѓу понудата и побарувачката од 30 милијарди метри кубни во текот на клучниот период за полнење на складиштата за гас, летото 2023 година.
Овој јаз можно е да е речиси половина од гасот потребен за полнење на капацитетите до 95 отсто, до почетокот на грејната сезона 2023/24.
„Најновите трендови и развојот на глобалните и европските пазари на гас покажуваат дека Европа ќе се соочи со уште построг предизвик во следните две зими“, предупреди извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол.