Elena Teslova
03 Ноември 2022•Ажурирај: 07 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска истакна дека учеството на Туркије во продолжувањето на Договорот за жито е главната причина зошто Русија има доверба во договорот, јавува Агенција Анадолија (АА).
На брифингот со новинарите во Москва, Песков особено ја пофали работата спроведена од Анкара за добивање писмени гаранции од Киев дека нема да го користи хуманитарниот коридор за воени цели.
„Гаранциите што ѝ беа дадени на турската страна, од очигледни причини не можеа директно да ни бидат дадени нам. Значи, во овој случај Москва и Анкара дејствуваат како страни на кои им се дадени овие гаранции.“
„Нагласена е важноста на договорот и, секако, работата што ја изврши Анкара и лично турската војска, турските дипломати и претседателот [Реџеп Таип] Ердоган кои заслужуваат високи пофалби“, нагласи Песков.
Тој, исто така, истакна дека сегашното враќање кон договорот не значи дека тој ќе биде продолжен по истекувањето на рокот на 19 ноември.
„Останува уште официјално да разговараме за точките за продолжување, рокот сè уште не е достигнат, се уште се работи. (...) До 19. [ноември], пред да се донесе одлука за продолжување, ќе биде неопходно да се оцени ефикасноста на имплементацијата на договорот“, нагласи Песков.
Во меѓувреме, Заедничкиот координативен центар во Истанбул соопшти дека руската делегација ја продолжила својата работа и се придружила на инспекциите на бродовите што заминуваат од и кон пристаништата на Украина.
На 22 јули, Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито преку Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораката.