Övünç Kutlu
27 Ноември 2021•Ажурирај: 29 Ноември 2021
АНКАРА (АА) – Економската активност на Јапонија следната година се очекува да го достигне нивото пред пандемијата, според глобалната кредитна рејтинг агенција „Мудис“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мудис очекува реалниот раст на јапонскиот БДП да забрза во следните квартали“, се вели во соопштението на aгенцијата. „Закрепнувањето дополнително ќе биде потпомогнато од тековната фискална и монетарна поддршка, како и од континуираната побарувачка за извоз на стоки од Јапонија.“
Рејтинг агенцијата соопшти дека очекува растот на јапонскиот БДП да се стабилизира на нешто под 1 отсто на среден рок, нагласувајќи дека се намалил за 4,6 отсто во 2020 година поради пандемијата на коронавирусот.
Поради големиот фискален одговор на пандемијата, агенцијата предвидува дека државниот долг на Јапонија ќе се приближи до 230 % од нејзиниот БДП за фискалната година што завршува во март 2021 година, од околу 200 % претходната фискална година.
„Мудис очекува постепено намалување на дефицитот, главно засновано на редуцирање на трошоците поврзани со пандемијата и обновување на приходите со економската активност“, се наведува во извештајот.
Истакнувајќи дека стапките на учество на женските и постарите работници речиси целосно закрепнаа до историските постигнати во 2019 година, aгенцијата соопшти дека невработеноста останала ниска преку пандемискиот шок.
„Мудис“, исто така, го потврди кредитниот рејтинг на Јапонија на „А1“ и ја задржа нејзината стабилна перспектива.