Mücahithan Avcıoğlu
30 Јануари 2025•Ажурирај: 31 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – „Тојота“ продолжува да биде лидер во глобалната продажба на автомобили петта година по ред, и покрај падот на производството за 3,7 отсто во 2024 година, според податоците што ги објави јапонската компанија денес, јавува Анадолу.
Групацијата „Тојота“, која ги вклучува и производителот на камиони „Хино моторс“ и производителот на мали возила „Даихацу мотор“, продаде 10,82 милиони возила во 2024 година, што претставува пад од 3,7 отсто во споредба со претходната година.
Продажбата на компанијата, исклучувајќи ги Хино и Даихацу, падна за 1,4 отсто, со вкупно 1,44 милиони продадени возила на домашниот пазар, што претставува намалување од 13,8 отсто.
Сепак, продажбата во Северна Америка се зголеми за 4,3 отсто на 2,73 милиони возила, додека продажбата во Европа се зголеми за 3,6 отсто на 1,17 милиони возила.
Во меѓувреме, поради силната ценовна конкуренција, продажбата во Кина падна за 6,9 отсто на 1,78 милиони возила.
Продажбата на електрични возила на „Тојота“ се зголеми за 34,5 отсто и достигна 139.892 единици, додека продажбата на хибридни возила се зголеми за 21,1 отсто на 4,14 милиони во 2024 година во споредба со 2023 година.
Главниот ривал на „Тојота“, германскиот „Фолксваген“, се најде на второто место во глобалната продажба со 9,03 милиони возила, што е намалување од 2,3 отсто во 2024 година во споредба со претходната година.