Husamedin Gina
07 Декември 2020•Ажурирано: 08 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, истакна дека над 1000 деловни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор, кои ја доставиле документацијата согласно јавниот повик, ќе добијат поддршка од страна на Министерството за економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за економија, Бектеши, денес одржа состанок со претставниците на туристичко-угостителскиот сектор, на кој се разговараше за кризата со која се соочува секторот поради Ковид-19.
Пред почетокот на средбата, министерот за економија, Крешник Бектеши, и Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија дадоа изјава за медиумите.
Бектеши потсети дека во четвртиот сет економски мерки за поддршка во кризата со Ковид-19 е обезбедена и поддршка за туристичко-угостителскиот сектор, кој е многу важен сектор во државата.
„Министерството за економија сака да ги информира сите што аплицирале и сите што имаат доставено документација согласно јавниот повик дека сите ќе добијат поддршка од страна на Министерството, нема принцип прв дојден прв услужен“, нагласи министерот Бектеши.
Додавајќи дека како Министерство ќе продолжат да работат инклузивно и транспарентно, вклучувајќи ги сите засегнати страни, Бектеши рече дека на состанокот ќе се разговара и за мерките што ќе треба да се реализираат наредната година и за тоа кои се очекувањата на овој многу важен сектор.
Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија истакна дека на денешната работна средба со министерот ќе се разговара за изнаоѓање решенија во туристичко-угостителскиот сектор, кој има пад од 80 проценти во работењето оваа година и е еден од најпогодените сектори во пандемијата на Ковид-19.
„Се разбира, од денешната средба ќе произлезе насока и за тоа што е тоа што му е потребно на секторот најмалку во првите три месеци од 2021 година“, рече Михајловска-Василевска.
Таа, исто така, укажа дека во наредниот период владините институции и бизнис-секторот треба заедно да работат на промоција на (Северна) Македонија како атрактивна туристичка дестинација, што е од особено значење за овој сектор.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Бектеши рече дека доколку сакаат да дојде до зголемување на туризмот во земјата и да се привлечат што е можно поголем број странски туристи, секторот за туризам и угостителство треба да работи и во недела.