Gülşen Çağatay
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
АНКАРА (АА) - Според неодамнешниот извештај на „Соларпауер Европа“, глобалната побарувачка на соларна енергија се зголеми за речиси 50 отсто во 2016 година, додека побарувачката во Европа опадна за 20 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот на „Соларпауер Европа“, здружение на европскиот сектор за соларна енергија, соларната енергија во Азија и во Америка побрзо постигна ниска цена, а Европската Унија треба да ги приспособи рамките на своите политики за да се подготви за следниот бран на соларен раст.
Во извештајот се наведува дека европските земји во 2016 година инсталирале системи за соларна енергија со капацитет од 6,9 гигавати.
Во истиот период, глобалниот пазар на енергетска фотоволтаична мрежа за соларна енергија се зголеми за 49 отсто, односно на околу 76,1 гигавати во 2016 година, од приближно 51,2 гигавати во 2015 година.
Михаел Шмела, извршен советник и шеф на одделот за испитување на пазарот во „Соларпауер Европа“, нагласи дека Европската Унија, некогашен лидер во областа на соларна енергија, е во опасност да биде засенета од страна на центрите на моќ од Азија, како што е Кина, во производството на соларна енергија и соларни инсталации.
„Дури и САД, кои се со многу помала популација отколку сите 28 земји-членки на ЕУ заедно, ги удвоија капацитетите за соларна енергија во 2016 година“, нагласи тој.
Најголемиот светски пазар за соларна енергија во 2016 година беше Кина, која официјално додаде 34,2 гигавати, над 125 отсто повеќе од 2015 година. Потоа следуваат САД, кои додадоа капацитет за соларна енергија од 14 гигавати, со разлика од 7,3 гигавати од претходната година. На трето место е Јапонија, достигнувајќи околи 8,6 гигавати, пред Индија со 4,5 гигавати.
Извршниот директор на „Соларпауер Европа“, Џејмс Вотсон изјави дека 2016 година ќе биде запаметена како година во која првите договори за купување соларна енергија се потпишани на нивоа што ја направија соларната енергија најевтина енергија во многу региони во светот.
„Со тоа што чистата соларна енергија денес е поевтина од нефлексибилните технологии за производство во поголемиот дел од Европа, постои потреба да се премине на следниот соларен инвестициски циклус за да може да се изврши декарбонизација на Европскиот енергетски сектор“.
„Соларпауер Европа“, новата ЕПИА (Европско здружение на фотонапонската индустрија), е водечки член на асоцијацијата којашто ги претставува организациите што имаат за цел да создадат регулаторна средина и да ги подобрат можностите за бизнис со соларна енергија во Европа.