Besar Ademi
31 Октомври 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во седиштето на Исламската верска заедница на Република Македонија (ИВЗ) беа доделени решенијата за исплата на субвенции за шест локални компании за воведување и сертификација на системот „Халал“, претпријатија што во текот на 2016 година го воведоа „Халал“ стандардот во своите производи, јавува Anadolu Agency (AA).
Решенијата беа доделени од страна на Министерот за економија, Дритон Кучи, кој изјави дека за секоја фирма ќе бидат доделени финансиски средства во износ од 1 милион и 62 илјади денари. Истакнувајќи дека субвенциите за ваквите видови на фирми ќе продолжат и во следната година, министерот рече дека досега се доделени 1,4 милиони денари, но во согласност со потребите, оваа сума може да се зголеми.
„Главната цел е да се подобри конкурентноста и да се отворат можности за влез на новите пазари. Инсталирањето на овој стандард нуди дополнителни вредности за вашите производи и услуги. Тој нуди производи што се синоним за здрава храна, храна со минималн количина на адитиви, за коишто интересот на потрошувачите, без разлика на религиската припадност, е многу голем, а во исто време го зголемува нивото на свест за безбедна храна“, рече Кучи.
Од друга страна, претседателот на ИВЗ, Сулејман Реџепи изјави дека сите компании во областа на прехранбената индустрија во земјата треба да работат на тоа да го воведат „Халал“ системот, со цел да имат можност да конкурираат и во земјите каде што без таков систем не може да се увезе никаков производ.
„Се работи за конкуренција во исламскиот свет. Но, ова не е доволно само за исламскиот свет, туку е многу важно затоа што овој систем навистина е синоним на здравата храна. Главната грижа на секој потрошувач, е пред сѐ, храната што ја набавил за своето семејство да биде здрава, да придонесе за здравјето на човекот“, рече Реџепи.
„Халал“ стандардот значи дополнително обезбедување во прехранбената индустрија дека прехранбените производи се здрави, квалитетни и дека тие не содржат канцерогени елементи, штетни бои, арома и забранети емулгатори според исламските правила.
Пазарот на халал производи во светот изнесува околу 2,3 билиони долари и се предвидува до 2020 година на светско ниво да ја надмине сумата од 6 билијарди долари. Во Европа, пазарот на халал производи достигнува до 70 милијарди долари, додека во балканскиот регион, овој пазар достигнува до 2 милијарди долари. Според статистиките во 2011 година во Франција, во текот на месецот Рамазан потрошувачката на халал производите достигнала до 400 милиони евра.