Admir Fazlagic
23 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот во Владата на Република Македонија, задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, вчера ја заврши тридневна работна посета на Република Турција, во чии рамки оствари средба со турскиот премиер Бинали Јилдирим, како и средби со бројни бизнисмени од Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од кабинетот на министерот Ќахил, тој беше дел од свечената прослава по повод празникот „Невруз – првиот ден на пролетта“, која се одржа во Кастамону, градот, кој оваа година беше прогласен за главен град на културата на турскиот свет.
„На централната прослава, покрај премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, со кого министерот Ќахил оствари средба, присуствуваа и високи функционери, делегати и дипломати од различни држави“, се вели во соопштението.
Од кабинетот на министерот Ќахил информираат дека во првиот ден од посетата, тој го посети градот Карабук, водечки град на тешката индустрија на железо и челик, каде што оствари средби со гувернерот Кемал Чебер и со градоначалникот Рафет Вергили, по што се упати на состанок со раководството на Трговско-индустриската комора во Карабук, каде што ги презентира мерките од Планот за економски раст и упати покана до турските бизнисмени за инвестирање во Република Македонија.
Делегацијата, предводена од министерот Ќахил, ја посетила и првата и најголема фабрика за железо и челик „Кардемир“, а во индустриската зона посетила уште четири фабрики кои работат во слични области.
На средбата со членовите на Управниот одбор на Трговско-индустриската комора во Сафранболу, министерот Ќахил ги претставил можностите за инвестирање кои ги нуди Република Македонија.
„Точно е дека Република Македонија и Република Турција имаат одлични политички односи, но тие се недоволно рефлектирани кога станува збор за економските односи. Во тек се интензивни средби помеѓу претставници од двете страни, со цел овозможување поголем обем на економска размена и интензивирање на постоечката соработка. Тука сум за да ги претставам мерките од Планот за економски раст и да ги охрабрам турските инвеститори да дојдат во Македонија“, рече министерот Ќахил.
Во рамките на посетата на Турција, министерот Ќахил го посетил и Иновацискиот центар во Бартин, по што остварил средби со гувернерот и градоначалникот. На последниот ден од посетата, министерот се сретна со членките на Независната асоцијација на индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) во Кастамону.