Ekipa
14 Декември 2022•Ажурирај: 15 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) - Речиси 50 отсто од жителите на Германија кои имаат миграциско потекло велат дека постои континуирана дискриминација на пазарот на трудот, се вели во извештајот побаран од Владата за состојбата со интеграцијата во државата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„И во образовниот систем, и на пазарот на трудот, многу од испитаниците, без оглед на нивното потекло, не гледаат еднаков третман на лицата со и без миграциско потекло. Оценка која ја потврдуваат и други истражувања за образованието и пазарот на трудот“, истакна денеска Марк Хелблинг, еден од авторите на студијата за Интеграцискиот барометар на прес-конференција во Берлин.
„Околу една третина од анкетираните сметаат дека на учениците со миграциско потекло не им се даваат исти оценки за исти покажани резултати. Дури повеќе испитаници, околу половина, изразија сомнеж дека луѓето со миграциско потекло имаат исти можности на пазарот на трудот со исти квалификации како оние без миграциско потекло“, додаде тој.
Во 2021 година, 22,3 милиони луѓе, односно 27,2 отсто од популацијата во Германија била со миграциско потекло, што е зголемување за 2 отсто во однос на претходната година, според Сојузниот завод за статистика.
За лице со миграциско потекло се смета лицето на кое барем еден родител не е роден како германски државјанин.
Околу 53 отсто од населението со миграциско потекло (речиси 11,8 милиони луѓе) имало германско државјанство и скоро 47 отсто имале странско државјанство (речиси 10,6 милиони луѓе).
Се очекува миграцијата оваа година да достигне ново рекордно ниво бидејќи се очекува Германија до крајот на годината да прими 1,2 милиони мигранти, што е за 35 отсто повеќе отколку за време на бегалската криза во 2015 година.
Поголемиот број луѓе кои оваа година пристигнаа во Германија како бегалци беа бегалци од Украина. И речиси 10 месеци од почетокот на војната, секој ден само во Берлин пристигнуваат околу 100 нови украински бегалци. Во 2015 година, најголемиот дел бегалци беа луѓе кои бегаа од војната во Сирија.
Оваа година околу 200.000 лица поднеле барање за азил во Германија, од кои поголемиот дел се од Сирија, Авганистан и Ирак.