Cüneyt Karadağ
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел повика на солидарност во борбата против епидемијата од новиот вид коронавирус Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меркел на заедничката прес-конференција со министерот за здравство, Јенс Спан и шефот на Институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер, рече дека Ковид-19 се шири низ Германија.
Истакнувајќи дека во моментот најважната задача е да се спречи ширењето на коронавирусот, Меркел рече: „Вирусот стигна во Европа, сите тука тоа мораме да го разбереме. Сѐ уште нема терапија или лек за тоа. Нашата солидарност, нашето срце и здравиот разум поминуваат низ еден тест. Се надевам дека успешно ќе го пребродиме тој тест.“
Меркел, споделувајќи ги информациите добиени од експертите, рече дека 60 до 70 отсто од населението на Германија може да се зарази од овој вирус.
„Особено под ризик се старите лица и лицата кои претходно биле болни. Сега најважно е да се добие во време. Важно е да не се преоптоварува нашиот здравствен систем“, нагласи Меркел.
Меркел, осврнувајќи се на откажувањата на масовните собири поради појавата на Ковид-19, рече: „Тие одлуки не се донесени залудно.“
Потсетувајќи дека Германија е федерална република, Меркел рече: „Федерализмот не постои за да се избега од одговорноста, туку да се осигура тоа сите да преземаат одговорност.“
Меркел исто така изјави дека ќе бидат во солидарност со членката на ЕУ, Италија, која е особено погодена од Ковид-19.
Министерот за здравство, Јенс Спан, нагласи дека се против прекинување на наставата во училиштата и градинките низ целата земја.
Тој исто така рече дека во секојдневниот живот треба да се биде почувствителен и дека луѓето треба да се жртвуваат во секојдневниот живот, за да се заштитат себеси и другите.
Шефот на Институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер, рече дека епидемијата е на почетокот и дека може да трае со години.