Övünç Kutlu
24 Декември 2021•Ажурирај: 25 Декември 2021
АНКАРА
Економскиот модел на Турција ќе покаже позитивни резултати и брза трансформација пред следното лето, изјави министерот за финансии и трезор, Нуредин Небати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Моделот се заснова на високо ниво на извоз, намалување на дефицитот на тековната сметка и благосостојба што се одразува на целото општество“, рече тој за каналот НТВ (NTV).
„Ова е специјален модел кој ќе привлече директни инвестиции“, додаде тој, нагласувајќи дека Турција примила 12,7 милијарди директни инвестиции во првите 11 месеци од 2021 година.
Министерството за финансии и трезор во вторникот објави нова мерка со која Турција ќе ги компензира депонентите на лири за флуктациите на странската валута, истовремено охрабрувајќи ги граѓаните кон средствата засновани на турската лира.
Според Министерството, доколку добивката остане под курсната разлика помеѓу отворањето на сметката и датумите на доспевање, и покрај заработената камата, трезорот ќе го надомести депонентот.
Новата алатка за депозити во турски лири заштитени со девизниот курс ќе биде достапна за физичките лица кои имаат депозитна сметка во лири со рок на достасување од 3, 6, 9 или 12 месеци.
Небати рече дека новите депозити во турски лири заштитени со девизниот курс изнесуваат околу 10 милијарди турски лири (880 милиони долари) заклучно со четвртокот наутро, и тој износ продолжил да се зголемува.
„До понеделникот вечерта имаше шпекулации и манипулации со девизните курсеви. [Турската лира] ќе го достигне своето оптимално ниво“, рече тој.
Откако претседателот Реџеп Таип Ердоган најави нови финансиски алтернативи за заштедите на граѓаните доцна во понеделникот вечерта, турската лира силно закрепна во изминатите три дена.
Доларот во однос на турската лира падна од 18,36 во понеделникот на 10,23 во четвртокот -- пад од 44,3 отсто, според официјалните податоци.