Fatih Erkan Doğan,Muhammed Ali Gürtaş,Tuba Şahin
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот на Турција, Мехмет Шимшек, го повика американскиот технолошки гигант „Епл“ да ги пренасочи своите инвестиции во Турција поради даночните проблеми на компанијата со властите на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
„’Епл’ треба да се префрли во Турција. Подготвени сме да обезбедиме даночни бенефиции. Нема да има потреба да се справува со бирократијата на ЕУ“, напиша на Твитер, синоќа, вицепремиерот на Турција, Мехмет Шимшек.
Владата на Турција објави неколку економски пакети со субвенции за да ги привлече странските инвеститори. Земјата доби 16,5 милијарди долари странски директни инвестиции во 2015 година, што претставува зголемување за 32 отсто за период од една година.
Комисијата на ЕУ неодамна пресуди дека „Епл“ добил незаконски даночни бенефиции од Ирска, што е спротивно на законите на ЕУ.
„Земјите-членки не можат да дадат даночни бенефиции за избраните компании – ова е нелегално во рамките на правилата на државната помош на ЕУ“, изјави Европскиот комесар за конкуренција, Маргрет Вестагер.
Европската комисија му нареди на „Епл“ да ѝ плати данок на Ирска во износ од 13 милијарди долари.
Главниот извршен директор на „Епл“, Тим Кок, ја критикуваше одлуката на Европската комисија велејќи дека компанијата добила насоки од ирските даночни власти за тоа како да се усогласат правилно со ирскиот Закон за данок.
Ирска и „Епл” ќе поднесат жалба за одлуката.