Aysu Biçer
03 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
АНКАРА (АА) - Турција ја подобри својата инвестициска клима нудејќи инклузивни стимулации за инвеститорите во зависност од локацијата, износот и секторите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од јануари 2002 година до ноември 2020 година, во Турција се влезени над 165 милијарди долари директни инвестиции, од кои 62,4 отсто се во услужниот сектор, 24,2 отсто во производствениот, 11 отсто во енергетскиот сектор и 2,4 отсто во земјоделството и рударството, според податоците што ги прибави АА.
Потсекторот за услуги со најголем износ на директни инвестиции во овој период беа финансиите и осигурувањето со 32,9 отсто, по што следуваат телекомуникациите со 8,8 отсто и трговијата на големо и мало со 6,8 отсто.
Во производствениот сектор, прехранбените производи, хемиските производи и нафтените деривати беа потсектори што привлекоа најмногу инвестиции.
Прегледот на регионалната распределба на странските директни инвестиции во Турција покажува дека најголемиот дел, 110,4 милијарди долари, доаѓа од земјите на ЕУ.
Евидентно е и дека приливот од овие држави зависи од економските и трговските односи на Анкара со Блокот.
Официјалните податоци покажуваат значителен раст на интересот на азиските држави во текот на изминатите 10 години, што помогна во диверзификацијата на профилот на меѓународните инвеститори.
Азиските земји имаа учество од 18 отсто, односно 29,1 милијарда долари во инвестиции во Турција за време на периодот од 2002 до 2020 година, додека 9 отсто или 14,3 милијарди долари дојдоа од Америка.
Првите 10 земји со најмногу инвестиции во Турција се Холандија, САД, Велика Британија, Австрија, Германија, Луксембург, Шпанија, Белгија, Франција и Азербејџан.
Според турските закони за странски директни инвестиции, странските инвеститори имаат еднаков третман како и домашните инвеститори, факт што им дава многу предности и стимулации.
Благодарение на иницијативите за зголемување на инвестициите, Турција се најде на 33. место од 190 земји според индексот на Светска банка за лесно водење бизнис во 2020 година, искачувајќи се за 10 места за период од една година.
Турција дава приоритет на инвестициите што можат да обезбедат сигурност во снабдувањето, да ја намалат зависноста од други земји, да овозможат технолошки напредок и да се наоѓаат во иновативните и во секторите што се фокусираат на истражување и развој.
Водечките сектори во овој контекст се енергетските технологии, медицинските технологии, електриката и електрониката, логистиката, петрохемиските производи, биотехнологијата, автомобилската индустрија, железничкиот транспорт, информатичките и комуникациските технологии, одбранбената индустрија и вселенските технологии, технологиите на земјоделската индустрија и другите сектори за истражување и развој.