Bedrudin Brlyavac
06 Декември 2015•Ажурирај: 07 Декември 2015
ХЕЛСИНКИ (АА) - Финска планира за секој граѓанин на оваа скандинавска земја да воведе минимален доход кој ќе изнесува 800 евра месечно, јавува Anadolu Agency (AA).
Финските медиуми наведуваат дека основниот доход ќе биде релативно висок бидејќи заменува други социјални надоместоци.
Предлогот на пилот програмата ќе биде готов до ноември 2016 година по што ќе започне неговото тестирање во целата земја.
Во финската влада сметаат дека минималниот доход може да го растовари комплексниот и скап модел на социјални повластувања кој моментално е на сила.
Во Финска постои многу силна поддршка од политичарите но и од јавноста за воведување на минималниот доход.
Премиерот Јуха Сипила, изјави дека за него планот за основниот доход е прекрасна идеја.
„За мене основниот доход значи поедноставување на системот на социјално осигурување“, кажа финскиот премиер.
Инаку, сличен план за минимален доход веќе следната година ќе стапи на сила во неколку градови во Холандија, а Швајцарците се подготвуваат за референдум за истото прашање.