Selen Temizer, Mohamad Misto
30 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
АЛЕПО (АА) - Стотици семејства од Алепо наоѓаат спас од жестоките воздушни напади во пештерите во близина на поранешниот економски центар на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред војната, која започна во 2011 година, во Алепо живееја речиси три милиони жители, претежно Арапи. Во последните две недели, источниот дел на Алепо е под силни, интензивни бомбашки напади од силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад и шиитските милиции.
Според информациите на новинарот на АА од теренот, стотици семејства бегаат во пештерите во областите под контрола на сириската опозиција, каде што се чувствуваат побезбедни од нападите.
Денови и ноќи тие поминуваат без електрична енергија, а проблем претставува и недостатокот на пивка вода.
Абдулхеј бил ранет во Фирдевс, дел од Алепо. Заедно со семејството, нашол спас во една од пештерите, заедно со уште десетици семејства кои тука го чекаат крајот на воздушните и копнените напади во источниот дел на Алепо.
„Откако бев ранет, постојано се чувствував небезбедно. Тоа е причината зошто јас со моето семејство и роднините дојдовме тука. Студено е. Во некои семејства има болни деца. Пештерата не може да се загрее, не можеме да најдеме храна“, рече Абдулхеј.
Војната во Сирија започна во 2011 година. Една година подоцна, почнаа насилните судири во и околу Алепо, чиј источен дел за само неколку недели беше ставен под контрола на сириската опозиција.
Постојаните жестоки напади резултираа со огромно разурнување на Алепо, а во моментов во градот работат само три пекарници.
Најлошата хуманитарна криза Алепо ја доживеа откако минатата година и руските воздухопловни сили се вклучија во бомбардирањето.
Од Цивилната заштита на Алепо вчера соопштија дека во областа на источнен Алепо во последните две недели се извршени 2.000 воздушни напади во кои загинаа повеќе од 600 цивили, а 2.000 беа повредени.