Halit Süleyman
12 Декември 2015•Ажурирај: 13 Декември 2015
АЛЕПО/ДАМАСК (АА) - Најмалку 41 лице загина, а 65 се повредени во нападот на руски авиони на населените делови на Алепо кои се под контрола на силите на сириската опозиција, како и одредени делови под контрола на терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што дознава новинарот на АА од припадниците на цивилната заштита во местото Манбиџ, во североисточниот дел на Алепо, во воздушните напади со вакум бомби, загинаа 30 лица, меѓу кои 15 деца, а 50 лица се повредени. Во местото Ат-Атариб, во западниот дел на Алепо, загинаа 11 лица, а 15 се повредени.
Членот на комитетот за локална координација на Сирија, Јусуф Бустани, кажа дека авионите на сириската војска изведоа напади на подрачјето на источна Гута, во Дамаск. Бустани додаде дека во овие напади повредени се десетина лица, меѓу кои има и деца.
„Се вршат интензивни бомбардирања на подрачјето на источна Гута. Припадниците на режимските сили на сирискиот претседател Башар ал-Асад напаѓаат и од копно и од воздух. Предизвикани се пожари во бројни куќи, работилници и моторни возила“, рече Бустани.
Кон крајот на септември оваа година руски авиони започнаа бомбардирање на повеќе сириски градови. Иако Русија тврди дека метата на нивните напади е терористичката организација ДАЕШ, често жртви на овие напади се сириските цивили. Исто така, во тек на овие напади се уништуваат воени стожери како и центари за обука на сириската опозиција кои се наоѓаат во Хомс, Хама, Идлиб и Алепо.