Meryem Göktaş
05 Јануари 2019•Ажурирај: 06 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (THY) го угости најстариот патник во својата историја, 102-годишната Непалка која патуваше од Непал за САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Заедно со нејзиниот син и снаата, Анг Пурба Шерпини во петокот леташе од Катманду во Бостон, по што слета на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.
Зборувајќи за новинарите на аеродромот по нејзиното пристигнување од Катманду во Истанбул во нејзината традиционална облека, Шерпини со помош на толкување од страна на нејзиниот син Нгаванг Норбу Шерпа, изјави дека летот бил пријатен.
„Имав многу пријатен лет со авионот на „Туркиш ерлајнс“. Персоналот во авионот беше многу љубезен кон мене“, додаде таа.
Шерпини изјави дека живее во САД, но дека патувала за Непал да ја посети нејзината 99-годишна сестра.
Таа додаде дека на 3 јануари со торта го прославила својот роденден во авионот на „Туркиш ерлајнс“, во летот на релацијата Катманду - Истанбул.
Нејзиниот син изјави дека семејството преферира да патува со турската авиокомпанија бидејќи им нуди секогаш најдобри понуди со цени и летови.
Нагласувајќи дека тој однапред ја информирал „Туркиш ерлајнс“ за своите планови за патување со 102-годишна патничка, Шерпа изјавил дека компанијата му помогнала со обезбедување на бизнис-класа, за да го олесни патувањето на неговата мајка.
Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, која е основана во 1933 година, има летови за повеќе од 306 дестинации во 124 земји со флота од 331 патнички и карго авиони.