Mohamad Misto,Ayşe Doğru
24 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТA / АНКАРА (АА) - Мохамад Мисто
Додека Источна Гута е постојано бомбардирана од силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Aсад и сојузничка Русија, при што се кршат сите постигнати договори за прекин на огнот, илјадници негови жители, денес под урнатините трагаат по своите спомени, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден од илјадниците жители на Гута кои ја делат истата судбина, е 70-годишниот Абу Мазин, кој во регионот Kефер Батна живее со својата ќерка и внуците-сирачиња.
Абу Maзин со семејството се крие во подрум, за да се заштити од нападите, а неговата куќа била бомбардирана во моментот кога тој се обидел да се качи на горниот кат и да најде храна.
Домот на Абу Maзин за само неколку секунди бил срамнет со земјата, а во урнатините на куќата останале сите негови спомени.
Зборувајќи за животот во Источна Гута, која секојдневно е изложена на интензивни бомбардирања, Абу Мазин, во разговорот за Anadolu Agency (AA), рече дека неговите два сина ја напуштиле Сирија за време на граѓанската војна.
„Сопругот на ќерка ми загина, а моите пет внуци останаа без татко. Во моментов живеам со ќерка ми и со внуците“, вели Абу Мазин, додавајќи:
„Бевме во подрумот и излеговме надвор на скалите. Во тој момент беше бомбардирана куќата и во целост уништена. Ако од која било причина, влезевме внатре, немаше да останеме живи. Нѐ спаси чудо.“
Тој додаде дека еден од неговите синови е авиоинженер, дека сакал да ѝ служи на својата земја, но државата на тоа му одговорила со бомбардирање.
Тој покажа и фотографии од неговите синови кои со години не ги видел, и истакна дека најмногу му недостасуваат децата, додека се наоѓа во пеколот во Источна Гута, каде што во секој момент може да умре.
Игнорирајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за воспоставување едномесечен хуманитарен прекин на огнот во Сирија, режимот на силите на Асад, со поддршка на Руските воздухопловни сили, во почетокот на март започна копнена офанзива, со цел преземање на Источна Гута.
Опозицијата на 16 март во областа Хамурај дојде во судир со силите на режимот и воспостави контрола над центарот на градот. Истиот ден, силите на режимот во Кефер Батна, извршија напад на пазар во кој загинаа 61 цивили.
Во Источна Гута има неколку илјади болни луѓе кои имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од нив се деца или луѓе заболени од рак, чија болест е во напредна фаза.
Покрај тоа, голем број деца, вклучувајќи ги и бебињата, починаа поради недостаток на храна и лекови.