Tufan Aktaş
29 Март 2018•Ажурирај: 31 Март 2018
ХАРАР (АА) - Туфан Акташ -
Жителите на Харар, во Етиопија, живеат во непосредна близина на хиените. Во текот на денот, хиените се во околните ридски подрачја, додека во текот на ноќта, во потрага по храна доаѓаат меѓу луѓето.
Одреден број мештани, животните ги хранат од љубов и еден вид пријателство кое го развиле со хиените, додека други на овој начин настојуваат да го привлечат вниманието на туристите и да заработат.

Еден од оние кои заработуваат дружејќи се со хиените е Ахмет Јусуф (23). Неговото „работно време“ започнува со залезот на сонцето, кога хиените доаѓаат и му јадат од рака на Јусуф.
Домашните и странските туристи покажуваат голем интерес за ова „пријателство“, иако го сметаат за застрашувачко.

Јусуф веќе неколку години заработува за живот од хранење на хиените, а „занаетот“ го наследил од неговиот татко кој со тоа се занимавал неколку децении.
Меѓу жителите е познат и како „човек хиена“, а за Аnadolu Аgency (AA) говореше за почетоците и неговото растење со хиените.
„Татко ми имаше пес и за него имаше купено месо. Хиената го изеде месото, а потоа се враќаше секоја вечер. Татко ми немаше пари да купува месо секоја вечер. Откако соседите видоа дека хиените почнаа да се приближуваат до куќата, почнаа да му даваат месо на мојот татко. Така започна пријателството меѓу татко ми и хиените“, раскажа Јусуф.

Тој додаде дека луѓето ги штитат и ги хранат животните, што е и причината поради која тие се навикнале на луѓето.
Хиените припаѓаат на фамилијата од редот на месојади. Живеат во јужниот и на подрачјето на западниот дел од Азија, Иран преку Блискиот Исток и Арабија до Африка. Ловат во групи, а можат да трчаат и до 60 километри на час.